Светиот пат во античкиот град Луксор и официјално е отворен за посетители по децении ископувања. Порано наречена Божји пат – авенијата долга речиси три километри е опкружена со 1.050 статуи на сфинги и овни од двете страни. Статуите со милениуми биле закопани под песокот, но со текот на годините египетските археолози полека ги ископувале, па некои од нив конечно ја здогледале светлината на денот.
– Околу 309 статуи беа ископани во одлична состојба, но тој број ќе се зголемува пропорционално со работата на археолозите – изјави Мустафа ел Сагир, генерален директор на споменикот во Карнак, за Си-би-ес.
Како и сите антички локалитети, авенијата на сфингите чува многу повеќе тајни. Сè уште не е точно утврдено, но некои научници веруваат дека патеката датира од времето на кралицата Хатшепсут, пред околу 3.500 години. Сепак, Сагир наведува дека археолозите не нашле докази за таква теорија. Други веруваат дека била направена за време на кралот Аенхотеп Трети, неколку стотици години подоцна, но артефактите што укажуваат на тоа биле донесени таму подоцна. Сагир, пак, верува дека изградбата започнала за време на владеењето на еден од најпознатите египетски владетели, кој седнал на тронот пред 3.000 години.
– Најстариот споменик што го откривме покрај патот датира од времето на Тутанкамон, кој ги направил првите 300 метри од патот од десеттиот столб на храмот во Карнак до портата на храмот на Мут – вели Сагир.