Виенската биотехнолошка компанија „Апеирон“ започна истражување во Австрија за употреба на лек против ковид-19, со активната состојка АПН01, кој ќе им биде даден на 40 здрави учесници по пат на инхалација.
Предвидено е во иднина, пациентите што се заразени или припаѓаат на ризични групи да бидат третирани на овој начин во рана фаза на болеста. Студијата е предводена од фармакологот Маркус Цајтлингер од Медицинскиот универзитет во Виена.
АПН01 е биотехнолошки произведен ангиотензин-конвертирачки ензим 2 (rhACE2), кој е развиен од Јозеф Пенингер, коосновач на „Апеирон“, заедно со неговите колеги. Вирусот САРС-КоВ-2 треба да се поврзе со растворливиот ензим АПН01 наместо со АЦЕ2-рецепторите на човечките клетки, кои во моментов служат како премин за патогенот. Целта е да се блокира вирусот и да се спречат воспалителните процеси во белите дробови.
Во првата фаза од новата студија, учесниците ќе примаат различни дози на лекот преку инхалатор. На овој начин, ќе се проверат безбедноста и прифаќањето на лекот, како и максималната доза на примање.
Во САД беше спроведена втора фаза од интравенска студија на АПН01, во која беа вклучени 1.600 лица. Примената на лекот со инхалација од страна на пациентите може да послужи во раната фаза на болеста.
– Ова ќе ги намали трошоците и ќе ги намали ризичните контакти со медицинскиот персонал – вели Романа Гугенбергер од управниот одбор на компанијата, пренесе „Еуроком ПР“.