Венеција ќе воведе употреба на камери за надзор и мобилна апликација за собирање податоци за тоа колку туристи пристигнуваат во градот, а ќе бидат воведени и дополнителни правила.
Целта е да се следи секој човек што ќе стапне во Венеција, со систем од 468 камери и сензори што им овозможуваат на службениците да ги разликуваат жителите од туристите, да ги следат потеклото и дестинациите и да одредат колку брзо се движат луѓето, објави „Ројтерс“.
Градоначалникот на Венеција, Луиџи Бругнаро, вели дека очекува многу луѓе да протестираат против оваа одлука, но дека негова должност е да го направи градот погоден за живеење за оние што живеат во него, но и за оние што планираат само да го посетат.
Венеција допрва треба да донесе одлука за тоа колкав број на туристи ќе биде преголем. Преку апликацијата ќе се следат резервациите, а ќе се тестираат и начините на кои градот може да се затвори доколку стане пренатрупан. Неодамна, забранет е влез на големи крстосувачи во познати градски канали.
Ќе се следи и брзината на гондолите. Тие обично не се движат со голема брзина, но за време на пандемијата на коронавирусот, забележано е дека водата станува речиси кристално чиста кога гондолите се движат побавно.
– Ќе бидат додадени услови за приоритетни резервации и попусти. Не можете да одите во костим за капење. Не смеете да скокате од мост или да се опиете. Кој и да дојде мора да го почитува градот – вели Бругнаро.