Во Барселона беше одржан протест против употребата на животинско крзно и кожа. Демонстрантите протестираа во центарот на Барселона, легнати голи и прекриени со вештачка крв, а еден од нив држеше плакат на кој на шпански јазик беше напишано „Колку животи за еден капут?“, пренесува „Индипендент“.

Протестот беше организиран од „Анима Натуралис“, меѓународна непрофитна организација која работи за правата на животните во Шпанија и Латинска Америка.

За време на протестот, демонстрантите лежеа едни врз други имитирајќи мртви животни.

Според „ПЕТА“, повеќе од 85 проценти од крзното што се продава низ целиот свет потекнува од фарми за одгледување во кои животните се затворени во кафези сиот нивен живот и потоа се убивани за нивното крзно. Во многу земји ваквите фарми се нелегални, но сè уште постојат и функционираат во Европа и многу земји во светот.

Кожната индустрија е под постојан притисок од организациите за заштита на животни, а се проценува дека една милијарда животни годишно се убивани за од нивната кожа да се направи облека или модни додатоци.

Во последните неколку години светските модни брендови „Армани“, „Версаче“, „Гучи“, „Мајкл Корс“ и многу други ја укинаа употребата на крзно и кожа во нивните колекции, а овој септември за прв пат за време на Лондонската модна недела немаше крзно од животинско потекло.

-Нема ништо модерно во носењето облека и модни додатоци направени од кожата на измачувани и убиени животни. Време е сите модни компании да се определат на материјали кои ќе поштедат безброј животни од мачење и насилна, болна смрт – изјавија претставници на „ПЕТА“.