Реката Амазон повторно ни покажа колку малку знаеме за животните. Длабоко во бразилскиот слив на Амазон научниците за првпат забележале електрични јагули како ловат во јато. Овие јагули се ловци-предатори и обично напаѓаат сами, па истражувачите велат дека во последните 20 години колку што работат во Амазон, никогаш претходно не забележале таква појава, пренесуваат светските медиуми.

Научниците кои работат во бразилскиот слив на реката Амазон се изненадиле кога откриле мало езеро во кое имало над 100 возрасни електрични јагули, за кои обично се сметало дека се осамени животни, и се запрепастиле кога ги виделе како соработуваат за лов на риби, се вели во соопштението на природонаучниот музеј „Смитсонијан“.

Кога ќе се стемни, електричните јагули се појавуваат од дното на реките во Јужна Америка за да го нападнат својот плен со електрична енергија со јачина до 860 волти, која е доволна за да убие човек. Сега, научниците открија дека овие јагули не одат секогаш сами туку ловат во јата, слично како волците, китовите и некои видови туна. Ова откритие е прво меѓу електричните риби, кое може да го отвори патот за нови студии за да се истражи кога социјалното предаторство се развило меѓу рибите.