Држава: Италија
Област: Јужен Тирол
Надморска височина: 2.550 метри

Во декември сите пасионирани љубители на скијањето од целиот свет се собираат во Алта Бадија, италијански зимски туристички ски-центар во срцето на Доломитите. Во последниве 14 години долината Бадија, во Јужен Тирол, по која местото го добило името, се претвора и во голем кулинарски центар, благодарение на проектот „Скијање со вкус“.

Оваа планинска кујна во својот зимски сјај официјално започнува со традиционалниот гастрономски собир на врвни готвачи од најдобрите планински региони во светот.
Идејата е иста веќе неколку години едноподруго, од 14 врвни готвачи секој е задолжен за една колиба до ски-патеката или Рифуџио. Инспирирани од средината и локалните состојки, секој од нив создава свое јадење, кое потоа им се нуди на гостите во текот на зимската сезона како специјалитет. Вљубениците во скијањето ја обожаваат уникатната гастрономска понуда, па сакајќи да ги пробаат сите специјалитети секој ден скијаат на друга патека.

Се разбира дека секое јадење има своја приказна, тоа е составено од оригинална комбинација на состојки, кои мора да бидат со најдобар квалитет и по можност со локално потекло. Со намера понудата да биде комплетна, најдобриот сомелиер во Алта Бадија за секој оброк препорачува и едно од вината на Јужен Тирол.

На крајот на јануари големите мајстори на кулинарството и виното повторно се среќаваат во овие области. По предлог од Паоло Ферети, најдобриот готвач во Алта Бадија, и Норберт Нидеркофлер, со две ѕвезди „мишелин“, тие скијаат три дена и заедно ја бараат визијата за етика и одговорност во културата на кулинарството.

Инаку Алта Бадија располага со извонредни услови за скијање на целото семејство, од благи терени и други зимски занимации за деца, со патеки за почетници. А секако тука се и терените, кои се како создадени за љубителите на зимските авантури, на висина од 1.300 до 2.800 метри, од декември до април. Патеките за скијање се во должина од 130 километри, а за безбедноста на скијачите се грижат специјално обучени полицајци и спасувачи, кои реагираат молскавично на секој повик.