Психолозите велат дека филмовите предизвикуваат позитивен стрес, од кој луѓето подобро се чувствуваат. Дејството креира одредено сценарио на стресот, во кое гледачот има целосна контрола над ситуацијата, а со самото тоа овозможува посебно уживање при гледањето

Филмот „Џон Вик“ беше премиерно прикажан во 2014-та и беше прогласен за еден од најдобрите акциски филмови таа година. Позитивната оцена на критичарите ја следеше и заработувачката на киноблагајните, па, така, крајната заработка беше 88,8 милиони долари. Уште подобра заработка, но и поголеми симпатии кај гледачите собраа второто и третото продолжение, а во меѓувреме главниот глумец Кеану Ривс стана миленик на публиката, како што претходно се случи кога ја снимаше трилогијата „Матрикс“.
Но се поставува прашањето зошто овој филм беше толку добро прифатен. Премисата на дејството е многу слична како и во многу други акциски филмови – главниот лик се бори против негативците и со многу насилство и експлозии на крајот извојува победа.

Чувство дека имаме контрола над ситуацијата

Покрај одличната глума и врвните ефекти, тајната на успехот е и во чувството што се буди кај луѓето при гледањето на овој вид филмови. Имено, иако секогаш се вели дека филмовите ги гледаме да се опуштиме, вистината е поинаква. Мозокот е исклучително активен во текот на целото прикажување, бидејќи процесира поголемо количество стимуланси од дејството, како тоа да се случува во вистинскиот живот. Токму поради тоа акциските филмови го предизвикуваат феноменот што психолозите го нарекуваат позитивен стрес. Како што објасни Џеф Закс, професор по психологија на Американскиот универзитет во Вашингтон, филмот креира одредено сценарио на стрес во кое гледачот има целосна контрола над ситуацијата, а тоа овозможува посебно уживање при гледањето.
– Знаеш дека не постои ништо на екранот што може да те допре или повреди, но сепак реагираш како да може – објаснува Закс.
На пример, пред да започне некоја презентација, личноста е изложена на одредена доза на стрес, бидејќи не знае каква ќе биде реакцијата на слушателите, односно дали содржината ќе биде позитивно прифатена. Кај филмовите тој страв не постои. Доколку темата на филмот не ви се допаѓа, едноставно можете со далечинскиот управувач да го исклучите телевизорот, а освен тоа дејството има ограничен рок на траење, па консументот знае дека за некое време ќе заврши таа инјекција на стрес и главниот херој ќе победи.
Чувството дека имаме контрола над тие случувања е една од причините поради кои акциските филмови се толку популарни, што го потврдуваат и бројките. Статистичката платформа „Статиста“ направи пресек на најпопуларните филмски жанрови во САД и во Канада од 1995 до 2021 година, а на првото место суверено се авантуристичките и акциските филмови.

Акциските филмови станаа поевтини за снимање

Уште една причина што доведе до зголемување на популарноста е развојот на технологијата. Истражувачите од Универзитетот во Индијана ги проучувале трендовите на филмските жанрови и заклучиле дека предничат оние што ги искористуваат бенефициите на модерните технологии. На пример, кога почнаа да се снимаат акциски филмови, продуцентите мораа да разурнат вистинска зграда сцената да биде поуверлива, но денес тоа без проблеми се симулира со помош на ГГИ-технологија. Со самото тоа што акциските филмови станаа многу поевтини за снимање, се отвори и поширок спектар на можности за примена на сценските ефекти.
Секоја година меѓу номинациите за „оскар“ има понекој филм од овој жанр, а истражувањата покажуваат и одреден образец на особини кај луѓето што уживаат во малку повеќе акција на големото платно. На пример, една студија покажа дека љубителите на акциски филмови се повредни, поотворени и покреативни во споредба со обожавателите на другите филмски жанрови.
Доколку овој текст ви ја разбуди желбата за една добра доза допамин, тогаш префрлете ја програмата на каналот Фокс, кој во текот на овој месец ги прикажува премиерно познатите франшизи за „Трансформери“, „Индијана Џонс“ и „Јурасик парк“, додека на „Фокс мувис“ ќе се прикажуваат „Платеници“ и „Џон Вик“.