Со истрел од старо оружје во центарот на Салцбург, во неделата почна 10-то јубилејно издание на „Ред булс икс-Алпс“, најтешката авантуристичка трка на планетата. На 12-дневното патување преку Алпите тргнале 29 натпреварувачи од 15 земји. Учесниците во текот на патувањето ќе трчаат, планинарат и ќе летаат со параглајдер, 1.238 километри до Мон Блан (Франција) и назад, и ќе поминат 12 контролни пунктови во пет држави. Нивната конечна цел е Зел ам Си, планинско одморалиште покрај езеро.

Натпреварувачите и покрај жешкото сонце тргнале од центарот на Салцбург, поминале низ старото градско јадро, па преку реката Салцзак почнале да се искачуваат по стрмните патеки. Целта на првата етапа бил врвот Гаисбер, висок 1.228 метри, а до него прв стигнал 20-годишниот австриски дебитант Томас Фридрих. Втор бил Мајкл Гирлач од Полска, а трет Максим Пино од Франција. По првиот контролен пункт, следната дестинација е Вагрин-Кленарл, 65 километри јужно, од каде што учесниците се упатуваат кон Кицбил, каде што мораат да се потпишат на таблата на познатата скијачка патека Хахнекам.
– По сѐ што се случуваше во светот изминатите 18 месеци, пресреќни сме што можеме да ја организираме оваа трка и да покажеме дека врвните спортски настани можат безбедно да се одвиваат. Напорно работевме, со цел сево ова да се реализира. Оваа година е посебна, бидејќи ова е десетто издание на трката. Имаме нова маршрута, најдолга и најтешка досега. Ќе биде ова незаборавна авантура за сите учесници и на сите им посакувам сигурна и успешна трка – изјави Урлих Грил, основач и организатор на трката.

Учесниците се на различна возраст, од 20-годишниот Фридрих, кому ова му е прво искуство, до 61-годишниот Јапонец Каоро Огисава, кој се натпреварува шести пат. Најголемо внимание привлекуваат шесткратниот победник Кристијан Морер, кој се надева дека ќе ја освои седмата титула по ред годинава и Пино (29), кој ќе се обиде да ја прекине неговата доминација. Интересно за ова издание на трката е тоа што движењето на натпреварувачите може да се следи во реално време на интернет-страницата на натпреварот.