Во Домот на АРМ, на 15 април со почеток во 20 часот нашиот познат хуморист и имитатор Војче Китаноски ќе ги претстави своите книги: вториот дел на „Енциклопедија за хумор и сатира“ и „Антологија на 500 најубави вицови за возрасни“.

– Една година по објавувањето на првата книга од серијалот „Енциклопедија за хумор и сатира“ еве го и второто продолжение, а се надевам дека во иднина ќе има уште книги и ќе стигнеме до бројката 5. Овојпат, заедно со ова дело, објавувам „Антологија на 500 најубави вицови за возрасни“, а оние наменети за најмладите, објавени лани, веќе се прераскажуваат меѓу децата. За нив подготвувам и нешто ново, а тоа се „500 загадочни приказни“, на кои ќе се посветам по промоцијата. Инаку, секојдневно добивам комплименти и зборови на поддршка од моите обожаватели кои ме следат сите овие години и за кои сето ова го создавам и опстанувам на сцената – вели Војче Китаноски.

На промоцијата ќе има шест промотори: Наум Попески, Атанас Конески, Марина Мијакоска, Љупчо Сиљаноски, Васил Толевски и Валентина Георгиевска. Во музичкиот дел ќе настапат: легендарниот Драган Мијалковски, Маги, оперскиот пејач Стефан Митревски, флејтистката Билјана Камчева, шансониерот Слободан Јаневски и групата „Ту би“.

– Меѓу сите настапи јас ќе кажувам по нешто од мојот богат арсенал на хумористични текстови, секако во духот на актуелните случувања – вели Китаноски.