Леталото на НАСА „Војаџер 2“, што беше лансирано во далечната 1977 година, деновиве го напушти нашиот Сончев систем и стигна во меѓуѕвездениот простор, пишува Си-ен-ен.

„Војаџер 2“ е второто летало во историјата на човештвото што го постигна тоа. Проектот „Војаџер“ спаѓа во најдолгите мисии на НАСА, со оглед на тоа дека обете сонди се во погон веќе 41 година, што е изненадувачки, бидејќи леталото „Војаџер 2“ е произведена да трае околу пет години.

Границата на Сончевиот систем се нарекува хелиопауза. Тоа е подрачје во вселената каде што престанува влијанието на Сонцето и почнува меѓуѕвездениот простор.

Инструментите на „Војаџер 2“ на почетокот на ноември регистрираше значителен пад на нивото на честички на соларниот ветер, што укажува на тоа дека уште едно вселенско летало ја напушти хелиосферата, односно подрачјето во кое делувањето на соларниот ветер нѐ штити од штетното вселенско зрачење.

– Нашите истражувања поаѓаат од Сонцето и се протегаат сѐ до просторот до кој допира сончевиот ветер. Заради Војаџер, кој ќе ја помине таа граница и при тоа ќе ни испраќа информации, ќе имаме можност да ѕирнеме во досега неистражено подрачје – рече физичарката Никола Фокс од НАСА.

Обете сонди „Војаџер 1“ и „Војаџер 2“ се во многу добра состојба, со оглед на своите години. За да ги одржат подолго во погон, научниците сериозно се занимаваат со два проблема, напојување и греење.

„Војаџер 2“ годишно губи четири вати сила и стручњаците со текот на времето мораа да исклучат многу системи во сондата за да може таа да продолжи со работа. Поради тоа, камерите не работата на обете сонди кои ја напуштија хелиосферата.

На „Војаџер 2“ сега му е прилично студено во вселената. Температурата на сондата изнесува -269 Целзиусови степени, што е блиски до точката на смрзнување на водородот, а што на експертите им претставува проблем бидејќи тоа може да влијае врз погонот на леталото.

– Можеме да собереме уште многу научни податоци. Претпоставуваме дека „Војаџер 2“ ќе биде функционален уште пет до 10 години, но нема да му работата сите инструменти. Ќе мораме да донесеме некои тешки одлуки, кои инструменти да ги задржиме, а кои да ги угаснеме. Се надевам дека обете сонди ќе доживеат 50 години старост – рече Сузан Дод, проект-лидер на Војаџер.