Драмата „Вочмен“ и комедијата за 1960-тите години „Прекрасната г-ѓа Мајсел“ имаат најмногу номинации за наградите „еми“.Според првите реакции, листата годинава рефлектира диверзитет и свежи кандидати за највисоките телевизиски признанија, познати како ТВ-оскари.
„Вочмен“ доби 26 номинации, вклучувајќи ја и онаа за најдобра лимитирана серија, додека „Прекрасната г-ѓа Мајсел“ на студиото „Амазон“ доби 20, вклучувајќи ја и онаа за најдобра актерка, ѕвездата Рејчел Броснан.
„Нетфликс“ води пред сите мрежи, со рекордни 160 номинации за емисии или актери. Потоа следува Ејч-би-о, со 107 номинации, меѓу нив и големото изненадување Зендаја, 23-годишната sвезда на тинејџерската драма „Еуфорија“.
„Сукцесија“, приказна за медиумско семејство, доби 18 номинации, вклучувајќи и девет за нејзините актери. Во време кога заложбата на Холивуд за диверзитет е под лупа, повеќе номинации отидоа кај афроамерикански актери.

Во категоријата најдобри актерки во драмска серија се номинирани Џенифер Анистон, Оливија Колман, Џоди Комер, Лора Лини и Зендаја.
Во категоријата најдобар актер во драмска серија се номинирани Џејсон Батман, Стерлинг Браун, Били Портер, Џереми Стронг, Брајан Кокс и Стив Карел.
Наградите „еми“ ќе бидат официјално објавени на церемонија на 20 септември, иако не е јасно дали настанот ќе биде виртуелен или пред публика поради пандемијата на коронавирусот.