Љубителите на анимираните филмови на јапонското анимациско студио „Гибли“ сега може да ја почувствуваат волшебната атмосфера на музејот „Гибли“ во Митака, Токио, преку интернет. Музејот наедно нуди и бесплатни ексклузивни музејски тури.
Музејот „Гибли“ претставува задолжителна дестинација при посетата на Јапонија, но да се дојде до билети претставува вистински предизвик.

Поради големиот интерес, капацитетот на музејот речиси секогаш е исполнет, па е потребна резервација на билети со месеци однапред, во одредени временски интервали, што може да го отежни процесот за голем број туристи.
За среќа, музејот неодамна отвори сосема нов канал на „Јутјуб“, нудејќи нова можност за љубителите да ја видат неговата колекција додека важат строгите превентивни мерки за спречување на ширењето на коронавирусот и за изолација.

Ексклузивните тури на „Гибли“ водат низ некои од најинтересните делови на музејот, од инсталациската сала до уметничките дела, па дури и во музејот во текот на ноќта. Ова претставува неверојатно ретка шанса секој да ѕирне во музејот без да се качи на авион!