Мистерија што до денес не е откриена

Компанијата „Занети“ на 14 јули 1911 година им понудила бесплатно возење на богатите Италијанци како дел од нивната рекламна кампања за претставување на новиот воз. Вкупно 106 патници уживале во возењето, гледајќи во прекрасните пејзажи на Италија, а особено со нетрпение очекувале да поминат низ новоизградениот тунел, еден од најдолгите и најголеми во тоа време. Од тој момент започнува мистеријата. Возот влегол во тунелот во Ломбардија, но никогаш не излегол од него. Работниците и полицијата го пребарале секој сантиметар од тунелот и не нашле ништо. Возот немал каде да оди, освен да излезе од другата страна. А немало ни знаци на несреќа. Сепак, двајца од патниците биле пронајдени, бидејќи успеале да скокнат низ прозорецот пред возот да влезе во тунелот.

– Слушнав придушен шум и во еден момент видов бел чад што буквално го проголта целиот воз. Беше толку застрашувачко што од паника скокнав низ прозорецот. А потоа видов уште некој како скокна по мене – рекол еден од преживеаните, кој извесно време страдал од несоница и траума.
За време на Втората светска војна, овој тунел бил бомбардиран и затворен засекогаш. Никој не можел да го објасни овој неверојатен феномен. Имало дури и сведоци, кои рекле дека виделе како возот влегува во тунелот и не излегува надвор. А постоеле и неколку извештаи во кои било наведено дека патниците на возот на компанијата „Занети“ биле видени во Мексико. Психијатарот во локалната болница тврдел дека 104 Италијанци биле примени во „хистерична состојба“.

Дека сите биле облечени во чудна облека, тврдејќи дека патувале од Рим. Еден од патниците, наводно, имал цигари на кои стоел датумот 1907 година. За оваа кутија со цигари се тврди дека сè уште се чува во мексиканскиот музеј. Но нема конкретни докази за овој случај во Мексико, ниту е познато што се случило со пациентите.
Наводно, на 29 октомври 1955 година, се појавиле три вагони во едно село во Украина. Железничкиот работник Пјотр Устименко, тврдел дека тие не правеле бучава, а описот на возот што го дал тој одговарал на возот на компанијата „Занети“.

Возот, со силно затворени ролетни, отворени врати и празна кабина на машиновозачот, тивко се движел. Понатаму возот бил виден неколкупати на различни дестинации и во различни временски периоди. Дури и денес, луѓето не престануваат да го истражуваат чудниот феномен за италијанскиот воз.