Научници откриле дека најчистиот воздух во светот, без честички предизвикани од човечка активност, се наоѓа над Јужен Океан што го опкружува Антарктикот. Ова е прво истражување од овој вид во споменатиот регион, а го спровеле истражувачи од Универзитетот во Колорадо. Времето и климата се тесно поврзани, го поврзуваат секој дел од светот со другите региони. Климата се менува брзо како резултат на човековата активност, а научниците и истражувачите се обидуваат да го најдат делот од светот што е недопрен од човечката активност.

Професорката Соња Крејденвејс и нејзиниот тим веруваат дека воздухот над Јужен Океан е последното место каде што луѓето немаат никакво влијание.
Научниците откриле дека воздухот на граничниот слој над Јужен Океан не содржи аеросолни честички што се создаваат со човечка активност, вклучувајќи и горење фосилни горива, садење одредени култури, производство на ѓубрива и отстранување отпадни води. Загадувањето на воздухот е предизвикано од аеросоли, цврсти и течни честички и гасови што се задржуваат во него. Се чини дека Антарктикот е изолиран од распрснувањето на микроорганизмите, за разлика од јужните континенти. Научниците зеле примероци од воздухот од делот на атмосферата што е во директен контакт со океанот, а потоа го испитале составот на микроби што се расфрлани во атмосферата и кои ветрот ги носи илјадници километри. Користејќи ДНК-секвенцирање, следење на изворите и правецот на ветрот, било откриено дека микробите потекнуваат од океанот. Покрај тоа, било заклучено дека загадувањето од другите делови на светот не достигнува до Антарктикот.