Kонференцијата под слоганот „Излезот од пандемијата го создаваме заедно“ ќе трае повеќе недели, за време на кои во неколку панели ќе се здружат некои од водечките светски и регионални актери во областа на туризмот, културата, манифестациите, медиумите и другите сфери од јавниот живот

Во светло на претстојните, многу сериозни економски последици, а кои стануваат сѐ поочигледни со намалувањето на пандемијата на коронавирусот во голем број земји во светот, фестивалот „Егзит“ организира меѓународна онлајн-конференција насловена „Егзит стратеџи“. Конференцијата под слоганот „Излезот од пандемијата го создаваме заедно“ ќе трае повеќе недели, за време на кои во неколку панели ќе се здружат некои од водечките светски и регионални актери во областа на туризмот, културата, манифестациите, медиумите и другите сфери од јавниот живот. Првиот во оваа серија разговори е со регионален карактер и го носи насловот „Туризмот на респиратор“.

Учесници во панелот се: Рената Пинџо, помошничка на министерот, сектор за туризам во Министерството за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Дамир Давидовиќ, државен секретар во Министерството за одржлив развој и туризам во Владата на Црна Гора, Борис Жгомба, претседател на Здружението на туристички агенции при Хрватската стопанска комора, Жарко Радуловиќ, претседател на црногорското туристичко здружение и Душан Ковачевиќ, основач и директор на „Егзит“.
Тие во дискусијата ќе се обидат да одговорат зошто туризмот е најранливата индустриска гранка во пандемиската криза, кои мерки се неопходни за туристичката индустрија што поскоро да закрепне во следниот период, како по кризата туризмот да го заземе местото што го заслужува во општеството како можеби и најважна економска гранка, која има потенцијал да биде двигател на целокупниот економски развој на регионот.

„Егзит“ како регионален лидер во областа на манифестацискиот туризам ги организира дел од водечките и повеќекратно наградувани фестивали во Европа, на кои секоја година се собираат речиси половина милион посетители од над 100 земји во светот.
– Се чини дека никогаш досега не бело поважно да се има отворен и директен разговор меѓу приватниот и јавниот сектор, со намера што е можно поскоро да се отстранат огромните негативни економски ефекти предизвикани со пандемијата. Во случај на целосен колапс на туризмот, кој е извесен ако не се преземат итни системски мерки, ќе дојде до несогледливи последици и загуба на работни места за стотици илјади работници.

Голем број светски земји веќе почнаа низа мерки за закрепнување на туризмот и манифестациската индустрија, а веруваме дека овој дијалог ќе им помогне на земјите во регионов не само да не заостануваат туку и да покажат претприемачки дух и иновативност, кои некогаш беа својствени за овие простори, за со храбри решенија да дадеме пример што другите земји ќе го следат – изјави Душан Ковачевиќ, основачот на фестивалот.
Конференцијата „Егзит стратеџи“ еднаш неделно ќе претставува нов панел што ќе може да се следи во живо или на снимка на сајтот и фејсбук-страницата на фестивалот, а ќе биде реализирана со поддршка на голем број водечки странски, регионални и домашни медиуми.