Вечерва во Куршумли Ан, со почеток во 21 часот, со изведба на делото „Вода“, чиј автор е Давор Јордановски ќе биде затворено 42. „Скопско лето“.

– Многу сум среќен и благодарен што ќе се случи овој концерт во Скопје, на денот на завршувањето на „Скопско лето“. Бидејќи премиерата на „Вода“ се одржа во Торонто, Канада, каде веќе десетина години живеам и работам, имам чувство дека моето дело конечно си дојде дома. А водата како вода секогаш има форма на садот во кој ќе ја истуриш и во секоја наредна прилика музиката секогаш звучи поинаку. Инаку музиката на „Вода“ е базирана на македонски народни песни, кои различно звучат на разни концерти, се зависи од емоцијата, амбиентот, музичарите со кои соработувам, сите придонесуваат за конечниот звук. Ова е инструментално дело со вокални нумери, па мои гости ќе бидат Васил Гарванлиев и групата „Љубојна“ – ни рече авторот Давор Јордановски.

Тој дополни дека чувствува голема кретаивна возбуда пред вечерашниот настап.

Според музичките критичари, „Вода“ е „вешто изработен спој на заводливи балкански мелодии со џез, фанк, класични и рок стилови. Познатиот пијанист, композитор и продуцент, Давор Јордановски и неговата „Вода“, го нурнуваат слушателот во древни звучни предели, обмислени со модерен вкус. Покрај разновидноста во инструментацијата и интелегентно распоредените ритмички варијации, музиката на „Вода“ се одликува и со динамична и течна инструментација и звук“.

Под ведрото летно небо над Куршумли Ан Јорадновски ќе свири клавијатури и ќе диригира, а на сцената вечерва ќе го придружуваат: Александар Секуловски – тапани, Оливер Спасовски – бас,Александар Јовевски – кавал/тамбура, Борче Кузмановски – клавијатури, Сања Шуплевска – виолина, Маја Кастратовиќ – пијано и Орце Ицковски – фагот. Ќе има и големи екрани, на кои ќе се прикажуваат инсерти од претходни изведби на „Вода“.

Концертот ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани и во продажба ќе бидат пуштени ограничен број на влезници кои ќе може да се купат пред почетокот на настанот на влезот на објектот по достапни цени. М.Т.