Водата од чешма е илјада пати подобра опција за животната средина од водата во пластично шише, велат научниците.
Тие додаваат дека е факт оти е потребно трипати повеќе вода само за да се произведе пластично шише отколку што содржи, пренесува „Еуроњус“.
Истражувачите од Институтот за глобално здравје во Барселона (ИСГлобал) ги разложија бројките за да утврдат што е всушност подобро. Истражувањето се фокусирало на Барселона во Шпанија, каде што живеат околу 1,35 милион луѓе, од кои речиси 60 проценти од населението веќе одреден период консумирале само вода од шишиња. Тие го користеле методот на „процена на животниот циклус“, врз основа на кој се толкува влијанието на предметите врз животната средина во текот на целиот нивен животен век. Ова вклучува екстракција на суровини, производство, транспорт, дистрибуција, употреба и отстранување.
Само во САД, за производство на пластични шишиња годишно се трошат 1,5 милион барели нафта – повеќе отколку што би било потребно за напојување на 100.000 дома. И тоа без фосилни горива или емисии и трошоци за транспорт до продавниците, наведуваат научниците.

Студијата на „ИСГлобал“ покажала дека доколку секој жител на Барселона би се префрлил на вода од шише, вадењето суровини ќе чини повеќе од 70 милиони евра и ќе доведе до губење на 1,43 животински вид секоја година. Тоа, посочуваат, ќе има 1.400 пати поголемо влијание врз екосистемите и 3.500 пати повисоки трошоци за животната средина отколку ако целиот град наместо тоа пие вода од чешма.
Употребата на вода од шише е во пораст во последниве години делумно поради фактори како што се вкусот, мирисите, маркетинг-кампањите и недостигот од доверба на јавноста во квалитетот на водата од чешма.
Кристина Виљануева, истражувачка во институтот, вели дека во последните години има значително подобрување на квалитетот на водата од чешма во Барселона.
– Меѓутоа, ова значително подобрување не ја зголеми потрошувачката на вода од чешма, што укажува на тоа дека потрошувачката на вода може да биде мотивирана од субјективни фактори, освен квалитетот – вели таа.
Еден од проблемите е присуството на хемиски соединенија како што е трихалометан. Тие објаснуваат дека податоците за животниот циклус на водата во пластично шише се споредуваат и со рамката што се користи за мерење на здравјето. Откриено било дека секој здравствен ризик е мал и додавањето систем за филтрирање значително ќе го намали тој ризик.
– Нашите резултати покажуваат дека со оглед на еколошките и здравствените ефекти на водата од чешма, тоа е подобра опција од водата во шише, бидејќи амбалажираната вода создава поголем опсег на влијанија – нагласува Кетрин Тон од „ИСГлобал“.