Независното и највлијателно американско здружение на потрошувачи, „Конзјумер рипорт“, тестира 47 вида вода во пластична амбалажа и утврди присуство на четири тешки метали (арсен, кадмиум, олово и жива). Но особено внимание им е посветено на хемикалиите од групата ПФАС (пер-полифлуороалкили), кои ги има насекаде околу нас, па дури и во човечкиот организам и се сметаат за токсични за здравјето. Се смета дека ги има околу 4.000, но овој пат се испитуваше присуството на триесетина хемикалии.
Деталниот извештај ќе биде објавен во ноември годинава во нивното списание, но најинтересни се деловите на истражувањето објавени деновиве.
Таканаречените вечни хемикалии, како што ја нарекуваат групата загадувачи, се голем проблем, но според одлуката на сојузната американска влада нема стриктни ограничувања, туку само доброволни насоки за производителите. Во суштина, присуството на ПФАС не би смеело да премине 70 пи-пи-ти (седумдесет делови на билион). Меѓутоа, некои американски држави поставија долна граница од 12 до 20 пи-пи-ти. Додека меѓународното здружение за вода во пластична амбалажа одлучи тоа да биде помалку од 5 за кое било соединение или максимум 10 кај тие хемикалии. Независните стручњаци, сепак, сметаат дека граничното ниво мора да биде пониско – еден пи-пи-ти.
Од 47 тестирани води (35 негазирани и 12 газирани) во 43 се пронајдени овие хемикалии. Подобри резултати имале негазираните, но газираните речиси сите содржеле мерливи количества ПФАС. Стручњакот на бостонскиот универзитет „Нортистерн“, Фил Браун, изјавил дека причина за тоа може да биде самиот процес на карбонизација на водата. Изворската вода, исто така, може да има повеќе ПФАС, но во некои фабрики се користат третмани да се намали нивното ниво под најниската препорачана граница.

Повеќето производители се огласија по објавувањето на резултатите. Така, еден од брендовите на „Кока-кола“ – „топо чико“, во чија вода е пронајдено највисоко ниво на ПФАС, објави дека ќе продолжи да работи на подобрување на квалитетот, за да се подготви за построгите стандарди во иднина. Интересно е дека кај полскиот производител „Спринг и перие“, во составот на „Нестле“ не се откриени овие хемикалии, а компанијата изјави дека го поддржува воведувањето сојузни ограничувања.

Некои компании ги оспорија овие резултати, но претставниците на „Конзјумер рипорт“ истакнаа дека по примерот на оние води што имале пониско ниво на ПФАС е јасно дека индустриските производители можат на потрошувачите да им понудат подобар квалитет на своите производи.
Американската агенција за храна и лекови (ФДА) со години предупредува дека водата во пластична амбалажа е контаминирана. Во јавноста се спомнуваа имиња на големи мултинационални компании, кои, наводно, во амбалажа ставале вода директно од чешма.