Американското издание на магазинот „Вог“ јавно се извини откако фотосесијата со Кендал Џенер беше оквалификувана како „културно несоодветна“, пишува британски „Индепендент“.

Афро-фризурата на познатата манекенка поттикна бројни негативни коментари во кои се наведуваше оти е „навредлива“, откако магазинот ги објави фотографиите од фотосесијата на Инстаграм. Многумина се прашуваа зошто не била ангажирана друга манекенка, чија коса има природен изглед што одговарал за фотосесијата. Дел од корисниците на социјалните мрежи, пак, застанаа во одбрана на магазинот, велејќи дека „има многу гнев без причина“, односно дека фризурата на Џенер воопшто не е во афро-стил.

Во соопштението на публикацијата беше објаснето дека целта на фотосесијата била да предизвика носталгични естетски сеќавања на раните години на 20-от век. Фотографиите на Микаел Јансон беа по повод прославата на 15-годишнината на модниот фонд ЦФДА/„Вог“, годишна награда за новите талентирани дизајнери. 

Ова не е прв случај на контроверзи предизвикани од рекламна кампања во која е вклучена Џенер. Американската убавица, минатата година, беше ангажирана во реклама на „Пепси“ која предизвика незадоволство, бидејќи јавноста сметаше дека е „бесчувствителна“.