филипинската новинарка Марија Реса годинава ја доби Нобеловата награда за мир. Ова е 59-ти пат Нобеловата награда да ѝ припадне на жена, од речиси илјада лауреати досега

Критичарите посочуваат дека од воспоставувањето на Нобеловата награда во 1901 година, мнозинството добитници главно се бели мажи од европско и американско потекло. Од друга страна, пак, од академијата која ја доделува наградата тврдат дека воведувањето на нови квоти за ребаланс базирани на родова и етничка основа нема да доведе до посакуваното решение, објавува „Вашингтон пост“.

Јоран Хансон, шефот на Шведската кралска академија што ги доделува наградите, изјави дека тој и неговите колеги работат на намалување на етничките и родовите барикади при доделување на Нобеловата награда.

– Одлучивме да нема квоти базирани на етничка и родова основа. Наградата треба да му припадне на оној кој има постигнато важно откритие – изјави Хансон.

Хансон тврди дека се свесни за предизвиците, но стравуваат оти ќе се соочат со големи критики, особено периодов, затоа што доколку изберат победник базиран на полот, на тоа ќе се гледа како на фаворизам, наместо наградата да припадне врз основа на одредено достигнување.

Критичарите посочуваат дека систематскиот сексизам и расизам, кој во минатото ги фаворизирал белите мажи, довел до тоа голем број жени и лица од други раси да не го достигнат врвот во нивните области. Разликата во бројот на добитници спрема добитнички на Нобеловата награда се повеќе од воочливи. Само четири од над 200 добитници на наградата за физика досега биле жени. Лани, добитничките Емануел Шарпентие и Џенифер Дудна беа првите хемичарки кои ја добија наградата, без притоа да имаат машки соработник, а само 59 награди, или 6,2 отсто, им припаднале на жени од 1901 година досега.

Хансон е свесен дека во минатото процесот за избор не бил фер, но смета дека поставувањето на нова квота за ребаланс би била во спротивност со последната желба на Алфред Нобел, кој ги поставил основите правила во неговиот тестамент, една година пред неговата смрт во 1896 година. Според него, комисијата не треба да гледа на националноста на номинираните.

Како резултат на бројните критики, Хансон во неодамнешно интервју изјави дека тој и неговите колеги се обидуваат да ја променат таканаречената „потсвесна пристрасност“, консултирајќи се со социолози во врска со проблемот, а истеовремено се обидуваат и да поттикнат да дојде до поголема разновидност во процесот на номинација.