По успешната минитурнеја на Триото на Влатко Стефановски во Хрватска и Словенија, и македонската публика ќе ја има можноста да ужива во звуците на големиот гитарски виртуоз.

На 5 август, на Антички театар во Охрид, со почеток во 22:30 часот, Влатко Стефановски заедно со извонредниот басист Иван Кукиќ и младиот талентиран тапанар Јан Стефановски ќе одржат целовечерен концерт.

Покрај добропознатите композиции на Стефановски публиката ќе има ексклузивна можност да го слушне материјалот од најновиот албум „Тафталиџе Шафл“, кој Стефановски го издаде минатата година, а се најде на врвот на официјалната листа на продажба на албуми во Хрватска.

Концертот е во организација на „Баги комуникации“ и од таму најавуваат дека истиот ќе биде организиран според важечките протоколи за заштита од ковид-19.
Билетите се во ограничен број и може да се набават по цена од 1000 денари онлајн преку www.bileti.mk.