Новиот албум на Влатко Стефановски, „Taftalidze Shuffle“, со кој ја продолжува успешната соработка со најголемата дискографска куќа во регионот, „Кроација рекордс“, ќе биде објавен денеска. Станува збор за едно од најисчекуваните музички изданија во 2020 година, не само во Македонија туку и во целиот регион, кое минатата недела со синглот „Огледало“ во голема мера ја заинтригира јавноста на овие простори. На новиот албум Влатко е придружуван од подмладеното трио. Во новата ритам-секција членуваат басистот Иван Кукиќ и неговиот син Јан Стефановски на тапани. Иако се млади, звучат со полн ентузијазам и шират оптимизам и енергија.

И овој албум, како и сите соло-проекти на Стефановски, Влатко му го има посветено на својот град, нашето единствено Скопје, населбата Тафталиџе, која е неговото маало. Затоа песните се интимни и лични поради сензибилитетот што го носи музиката на Влатко Стефановски. Албумот е создаван од јануари до октомври годинава.
– Наместо да гледам ТВ и да паѓам во депресија, се одлучив да правам музика. И многу сум задоволен од резултатот – открива Влатко, зборувајќи за својот креативен процес.
Новиот материјал е сниман во домашното студио на Влатко – „Езотерија“, додека миксот и мастерингот се работеше во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски. На албумот има и многу гости, најмногубројни се клавијатуристите: Дамир Имери, Кирил Џајковски, Диран Тавитјан, Тихомир Поп Асановиќ, Матија Дедиќ и Васил Хаџиманов.

Придружните вокали ги пееше Андријана Јаневска, додека познатиот кавалџија Теодосиј Спасов во една песна свири труба. Меѓу гостите на албумот е и актерот Никола Ристановски, кој во песната „Дијаспора“ има мал рецитатив. Дизајнот на обвивката е дело на уметникот Ладислав Цветовски. Албумот содржи девет теми: „Taftalidze Shuffle“, „Funky junkie“, „Игранка“, „Гаража“, „Global Warming – local freezing“, „Огледало“, „Немам песна за тебе“, „Раскрсница“ и „Дијаспора“.