Природен, шармантен, спонтан, ама и прецизен во изведбата е она што го одбележа синоќешниот настап на македонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски, кој одржа концерт на Античкиот театар во Охрид.

Стефановски го почна коцертот со „Си заљубив едно моме“, а веднаш после првата нумера побара од публиката да се одаде почит на сите пожарникари што деновиве водат борба со огнената стихија ширум земјава.

Стефановски настапи заедно со неговиот син, тапанарот Јан Стефановски, и со извонредниот басист Иван Кукиќ.

Младоста на овие двајца изведувачи не значи и неискуство, туку само освежување во изведбата и полетност на сцената. Обајцата прецизни и професионални, целосно ја шармираа публиката на Античкиот театар, рамо до рамо со Стефановски, изведувајќи ги хитовите од сите периоди.

„Чувам ноћ од будних“, „Кандилце“, „Gipsy song“, се само дел од музичката историја на Стефановски, во која можеше да ужива публиката на синоќешниот концерт.

Покрај големите хитови, Триото изведе и неколку нумери од новиот албум „Taftalidze Shuffle “, кој Стефановски го издаде минатата година, а се најде на врвот на официјалната листа на продажба на албуми во Хрватска.

Посетителите можеа да ги слушнат „Taftalidze Shuffle“, „Funky junkie“, „Огледало“…

Изнендаување за публиката беше настапот на оперската пејачка Весна Гиновска-Илкова, која ги изведе „Македонско девојче“ и „Тime to say goodbye “.

Изведувачите беа вратени на бис, па во Античкиот театар одекнаа „Учи ме, мајко, карај ме“ и „Скопје“.

Концертите на Стефановски секогаш се непретенциозни, пријатни, меки и топли, и го создаваат она чувство што човек го добива кога се враќа дома.

Б. Ст.