Фото: Горан Десковски

Јас сум еден од ретките Мохиканци кои собрале храброст да одржат концерт во СРЦ „Борис Трајковски“, рече Владо Јаневски на прес-конференцијата на која го најави својот јубилеен настап во арената, со кој одбележа 25 години успешна музичка кариера.

И не само што одржа концерт пред полната сала, туку пеејќи ги своите триесетина познати рефрени, направи пресек на изминатите години и докажа дека не попусто е еден од ретките пејачи кај нас, кој живее исклучиво од и за музиката. Можеби некои во публиката останаа разочарани зошто не беше исполнета „нивната“ песна, но веруваме, немаше посетител кој не запеа со Владо, и не заигра на познатите тактови на неговите хитови.

Очекувано во публиката имаше повеќе припаднички на женскиот пол, а уште од самиот старт, со првите тактови на „Напрај место, слатка сестро“ беше јасно дека добрата атмосфера е повеќе од загарантирана.

И самиот Владо, призна дека четири години пауза од првиот концерт во салата „Борис Трајковски“ се многу долг период, па во иднина нема да чека толку долго за повторна средба со скопјани, но и со негови обожаватели од цела Македонија.

И се редеа хитовите „Евергрин“, „Десет девојки“, „Некогаш и негде“, „Чаирка романтика“, „Од овој ден“…, најновата „Откако си негова“, а по првите звуци на „Црно тиквешко“ во салата светнаа илјадници мобилни телефони.

Оваа емотивна средба со публиката заврши со „Не заборавај, да се сетиш на мене“, а веруваме дека, продукцијата „Прагма“, како организатор на овој настан, нема да заборави да приредни уште многу слични концерти на Владо Јаневски, кој синоќа чаирската романтика ја распосла меѓу публиката во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.