Бело улично куче, забележано во близина на претседателската палата на Бразил, за брзо време ги освои срцата на семејството Болсонаро и стана претседателска маскота, а исто така и ѕвезда на Инстаграм. Но, неговата кратка славна кариера дојде до брз, но среќен крај, пренесува „Њујорк тајмс“.

Судејќи според фотографиите на неговиот профил на Инстаграм, Августо Болсонаро, од расата марема (италијански овчар), живееше добар живот во претседателската палата. Неговата кариера како маскота на семејството Болсонаро започнала откако чувар на претседателската палата го забележал белото куче на улица, па решил да го засолни. 

Кучето, кое го добило името Августо, не губело време да се инфилтрира себеси во највисоките ешалони на моќ во палатата. За многу кратко време, тој бил претставен како официјална маскота на семејството на претседателот Жаир Болсонаро.

„Ова е мојот нов дом“, пишувало на првата објава на инстаграм-профилот посветен на Августо, при крајот на јуни, каде што може да се види како Августо лежи на тревникот и носи црно елече со бразилското знаме.

Во наредните неколку денови, тој ја запознал и првата дама, Мишел Болсонаро, која му дала комплетна власт на домот на претседателот. Августо слободно играл во градината, му било дозволено да седи на фотелјите и да спие во спалната соба на Летисија Фирмо, ќерка на Болсонаро од негова претходна врска. 

Со неговото брзо напредување во круговите на претседателското семејство, Августо исто така брзо стекнал и следбеници на Инстаграм. Приказната за изгубеното куче кое пронајде нов блескав дом е ретка слика во главниот град на Бразил, случај кој не беше политизиран, луто дебатиран и не се водеше никаков спор за неговото вдомување. Но, од самиот почеток, постоеја индиции дека неговото владеење во претседателската палата може да биде со краток век.

– Уште од самиот почеток се сомневавме дека Августо не е улично куче. Имаме чувство дека неговите сопственици ќе дојдат да го побараат назад – изјави првата дама во видео објавено на инстаграм-профилот на Августо. 

Славата на Инстаграм го довела брзо до крај престојот на Августо во претседателската палата. Сопственикот на кучето, Нагиб Лима Зејдан, имал навистина несреќна година, изминатите месеци ја изгубил работата на бензинска пумпа, а потоа и неговото сакано куче, чие вистинско име е Зевс. 

– Бев скршен кога дознав дека Зевс избегал од дома. Ние ги сакаме животните поради нивната способност да се приврзуваат и да нѐ заштитуваат – вели 25-годишниот Лима. 

Тој бил вчудоневиден кога открил каков живот има Зевс во претседателската палата. Лима стапил во контакт со претседателското семејсто, а потоа им испратил и фотографии од Зевс од неговиот „претходен и скромен живот“. Тие го поканиле да дојде и да го земе Зевс, а целото семејство присуствувало на малото збогување. Лима бил преблагодарен што тие се грижеле толку добро за неговот куче, а потоа ѝ предложил на првата дама дека тие би можеле да делат заедничко старателство.

– Августо го најде својот пат до нашите срца. Сите бевме пресреќни кога Августо повторно беше соединет со неговиот вистински сопственик, но имаше и многу солзи – изјави таа.