Шест моќни жени од поновата светска историја

Повеќе од седумдесет земји од модерната доба, во која живееме и денес, во еден момент биле водени од жени. Некои од нив поминале трнлив пат за преземање на власта со гласовите на народот, додека други биле назначени на своите високи функции. Должината на нивните мандати варира, но заедничко за сите нив е наследството што ја обележи не само историјата на нивните народи туку и целото човештво. Нивниот печат е неизбришлив, а нивните потфати служат како стимул за генерациите што доаѓаат, како и за оние што допрва ќе доаѓаат. Овие шест жени стојат рамо до рамо со најголемите светски лидери во последните сто години.

Индира Ганди (1917 – 1984), Индија
Таа беше ќерка на Џавахарлал Нехру, првиот премиер на независна Индија. Уште како девојче се приклучила на движењето за независност од британското владеење и станала една од клучните претставници на Конгресната партија, доминантна политичка опција во Индија во тоа време. Таа стана лидерка на партијата во 1966 година, наедно станувајќи и премиерка. Управуваше со Индија до 1977 година и повторно од 1980 година до атентатот во 1984 година.
Ганди ја поддржуваше независноста на Бангладеш (Источен Пакистан) од остатокот на Пакистан, правејќи ја Индија водечка сила во Јужна Азија. Откако беше поразена на изборите во 1977 година, таа се врати на чело на индиската влада во 1980 година. Четири години подоцна, таа беше убиена од припадник на нејзината лична гарда, како одмазда за наредбите за напад на сепаратистите во светиот храм на сикизмот, пишува „Хистори“.

Голда Меир (1898 – 1978), Израел
Откако посветила 40 години служејќи ѝ на својата земја, Голда Меир станала четвртиот премиер на Израел во 1969 година. Родена е во Украина, а како дете емигрирала во САД. Како приврзаничка на ционизмот, национално-политичкото движење за обновување на независна еврејска држава, таа се преселила во Палестина под британско владеење. Таа беше една од двете жени што ја потпишаа Израелската декларација за независност во 1948 година. Меир се обидувала да воспостави пријателски односи со околните арапски земји сè до избувнувањето на Јомкипурската војна со Египет, Сирија, Ирак и Јордан во 1973 година. Таа поднесе оставка на функцијата премиер во 1974 година, а почина од лимфом четири години подоцна.

Маргарет Тачер (1925 – 2013), Велика Британија
Тачер израснала во куќа над семејната продавница. Таа се образовала на „Оксфорд“ и учела индустриска хемија пред да влезе во политиката. Како политичарка многу брзо напредувала како членка на Конзервативната партија. Таа дојде на чело во 1975 година. Четири години подоцна, во 1979 година, стана првата премиерка на Велика Британија.
Тачер силно се спротивставуваше на комунизмот, па советските медиуми ја нарекоа Челичната Дама. Воведе низа економски реформи што може да се сметаат за десничарски, нагласувајќи го слободниот и отворен пазар, но истовремено ослабувајќи ги синдикатите. Таа имаше подолг мандат од кој било британски премиер во 20 век, водејќи ја Владата дури 11 години.

Вигдис Финбогадотир (родена во 1930 година), Исланд
Во 1980 година, Финбогадотир, како самохрана мајка, победи на претседателските избори во Исланд и стана првата жена демократски избрана за претседател на една република. Финбогадотир е многу ценета и обожувана во нејзината татковина. Таа ја промовираше културата на својот народ во странство, но и во рамките на земјата. Беше избрана за претседателка дури трипати. Во два наврата немаше дури ни противник, а на изборите во 1988 година освои убедливи 96 отсто од гласовите. Нејзиниот 16-годишен мандат е најдолг за претседател на земја во историјата и придонесе за воспоставување напредна политика за родовата еднаквост во Исланд.
Елен Џонсон Сирлиф (родена 1938 година), Либерија
По дипломирањето на неколку универзитети во САД, вклучувајќи и магистратура по јавна администрација на универзитетот „Харвард“, Џонсон Сирлиф ја започнала својата кариера во јавниот сектор на Либерија, држава основана од ослободени американски робови во 19 век. За време на граѓанската војна таму, таа престојувала во Кенија и во САД. Се занимавала со банкарство и работела во Обединетите нации. На првите избори од крајот на крвавата граѓанска војна во 2005 година, таа победи голем број кандидати, освојувајќи речиси 80 отсто од гласовите на женските гласачи, со што стана првата демократски избрана жена што водела африканска земја.
Повеќе од 12 години таа владееше со Либерија и помагаше во зачувување на мирот, решавање на јавниот долг и изградбата на економијата во земјата. Добитничка е на Нобеловата награда за мир во 2011 година, за нејзините заслуги за упорната посветеност на правата на жените. Сепак, таа претрпе критики на сметка на корупцијата и непотизмот за поставувањето на нејзините три сина на високи позиции во Владата.

Ангела Меркел (родена 1954 година), Германија
Меркел пораснала во поранешна Источна Германија. По докторатот по хемија, работела како научничка во истражувачки студии, а набргу по падот на Берлинскиот ѕид, влегла во политиката. Таа беше членка на кабинетот на канцеларот Хелмут Кол од 1991 до 1998 година.
Таа стана лидерка на Христијанско-демократската унија во 2000 година, а пет години подоцна и канцеларка на Германија. Со тоа стана не само прва жена на оваа позиција туку и прва канцеларка од Источна Германија, како и најмлада личност на чело на германската влада.
Таа го освои четвртиот мандат во 2017 година, што ќе ѝ биде последен. За време на нејзиното 15-годишно владеење, таа беше сведок на кризата со европскиот долг, мигрантската криза, подемот на екстремно десничарски политички движења и излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Меркел е на чело на најмоќната земја во Европската Унија, како и четврта по големина економска сила во светот.