Комфорт Таун е посебен станбен блок во главниот град на Украина, а необичната населба привлекува внимание поради дизајнот инспириран од лего-коцките. Иако е дел од Киев, поради својата изолација и специфичната архитектура, често се нарекува посебен град. Фактот што лего-коцките не го привлекуваат само детското внимание, го искористија архитектите Дмитро Васиљев, Александр Попов и Олга Алфјорова од источноевропската компанија „Архиматика“. Тие најдоа инспирација во шарените градежни блокови за проектот наречен „Комфорт Таун“.
За реализација на проектот биле потребни 11 години, но градот е благодарен бидејќи областа порано била мошне незабележлива индустриска зона. Кога го презеле проектот, целта на архитектонското биро била да ја развие областа среде прометниот украински град во прекрасен станбен блок што, пред сè, може да се продаде – дури и во време на криза.
Архитектите имале слобода во одлуките поврзани со трансформирање на областа во место каде што луѓето навистина би сакале да живеат, така што не е изненадување што тимот изгради нешто што изгледа како град од лего-коцки. Со зградите, кои се прекрасно обоени со комбинација на светли и привлечни нијанси и пастелни бои, тешко е да не се забележи Комфорт Таун. Како и секој градски комплекс, тој има малопродажна површина од 14.763 квадратни метри, а на долните катови од станбените згради има и кафулиња, продавници и канцеларии.
Новиот „град“ беше особено прифатен од помладите генерации градски семејства и професионалците што живеат во градот и кои уживаат поевропски начин на живот во споредба со советскиот, кој е вкоренет во градот. Во согласност со минималистичкиот стил на градот, архитектите се одлучиле за згради со едноставни форми инспирирани од геометријата и целосно рамни екстериери.