Пред една година не можевме ни да сонуваме до кој степен и колку долго пандемијата ќе влијае во сите сфери на нашите животи, а со тоа и на патувањата. Тогаш нè утешија со голем број мрежни адреси преку кои може да се патува виртуелно, да се посетат најдобрите светски музеи и најубавите национални паркови. Некаде во тоа време е создадена и страницата „Драјв енд лисен“, која беше многу популарна меѓу љубителите на патувањата во последниве денови, имајќи предвид дека поголемиот дел од светот во моментов сè уште е во еден вид блокада.
„Драјв енд лисен“ е веб-страница на која можете да уживате во возењето каде било во светот и да слушате локално радио истовремено – тоа е всушност компонента „слушај“ на страницата.
Поточно, имате избор од 53 дестинации во светот и сè што треба да направите е да изберете град во кој сакате да се „возите“. Видеата што ги гледате на страницата се снимки од градовите поставени на Јутјуб. Додека уживате во возењето низ градските улици, можете да слушате неколку локални радио станици, со или без улична бучава, за автентично искуство. На овој начин можете виртуелно да посетувате дестинации што веќе долго време се наоѓаат на вашата листа и за момент да добиете чувство дека сте навистина таму. Од Амстердам преку Лондон, Буенос Аирес, Њујорк сè до Цирих.