Нуклеарната централа „Чернобил“ се наоѓа во близината на Чернобил, во напуштениот град Припјат, на северот на Украина, а не е во функција од нуклеарната катастрофа што се случи пред 35 години. Нуклеарната централа е отворена за јавноста од 2011 година, откако властите ја оценија како „безбедна“ за посета, а серијата „Чернобил“ го зголеми туристичкиот интерес за 40 проценти. Иако е релативно безбедно да се посети ова место каде што посетителот за еден ден е изложен на количество радиоактивно зрачење еднакво на едночасовен лет со авион, сепак, Чернобил може да се посети од удобноста на домот благодарение на функцијата „Стрит вју“ на Гугл мапс.
„Стрит вју“ им овозможува на корисниците да го истражуваат „градот на духови“, кој настана по нуклеарната катастрофа на 26 април 1986 година. Градот беше целосно уништен и евакуиран откако беше објавено дека ќе биде ненаселен најмалку 24.000 години. Сепак, оваа функција нуди интерактивни панорами и виртуелна посета на местото со трагична судбина.
Нуклеарната катастрофа беше резултат на наглото зголемување на енергијата при тестирањето на системот во реакторот четири, кој беше уништен поради дефекти во дизајнот и несоодветен персонал. За време на експлозијата, реакторот ослободи 30 отсто од вкупните 190 тони резерви на ураниум. Последиците од силното зрачење убиле 28 работници на електроцентралата во првите четири месеци по несреќата, а потоа 106 од радијациска болест. По несреќата се евакуирани 115.000 луѓе.
Според Научниот комитет на ОН, на повеќе од 6.000 деца и адолесценти им е дијагностициран рак. И 35 години по несреќата, која се смета за најголема нуклеарна катастрофа, животната средина сè уште е опасна за луѓето поради високите нивоа на радијација. Нуклеарната централа се наоѓа во забранета зона со радиус од 30 километри, а процесот на чистење на нуклеарниот отпад треба да заврши до 2065 година.