Јужнокорејскиот остров каде што жителите претежно се занимаваат со земјоделство е претворен во атракција совршена за сите љубители на фотографијата и на социјалната мрежа Инстаграм.
Островот Банвол, на западниот брег на Јужна Кореја, стана познат како виолетов остров откако неговите жители ги пребоија покривите на околу 400 куќи со прекрасна боја на јоргован. Покрај тоа, селото е богато со полиња со лаванда, а помеѓу „фотогеничните“ атракции се големиот виолетов мост и виолетовите телефонски штандови.
И покрај пандемијата на коронавирусот, помеѓу јуни и август 2020 година повеќе од 100.000 луѓе го посетија островот Банвол, што е скок од 20 проценти во споредба со претходната година. Од 2018 година, островот го посетиле повеќе од 490.000 гости.
Проектот за виолетовиот остров е планиран во 2015 година како дел од иницијативата за брендирање на покраината Јужна Јеола за „создавање привлечни островски дестинации“, а беше инспириран од виолетовиот цвет што потекнува од таа област.
За да се задоволи новиот бран на туристи, на островот постојат неколку други погодности, вклучувајќи кафуле, два ресторана, услуги за изнајмување велосипеди и мал хотел.