Кога не е на снимање, најмногу ужива да биде дома, читајќи некоја добра книга. И тоа вистинска, печатена книга, затоа што таа нема таблет, не објавува ништо на Инстаграм и на Твитер и не живее во Лос Анџелес, туку во Сан Франциско

Ѕвездата на 1990-тите, чија кариера беше речиси уништена од љубовни падови, психички проблеми и клептоманија, се врати повторно на холивудскиот трон, благодарение на улогата во хит-серијата „Почудни нешта“. Ѕвездата на телевизискиот серијал, американската актерка Винона Рајдер (47) повеќе од што било сака мир. Како што вели, доста ѝ е од стресови и драми во реалниот живот и може да ги поднесе само уште на екранот. Кога не е на снимање, најмногу ужива да биде дома, читајќи некоја добра книга. И тоа вистинска, печатена книга, затоа што таа нема таблет, не објавува ништо на Инстаграм и на Твитер и не живее во Лос Анџелес, туку во Сан Франциско. Додека ги снима новите епизоди од серијата, спие кај пријатели во Њујорк. За разлика од повеќето холивудски актерки, Винона не трча по слава и пари. Нејзиното богатство се проценува на 18 милиони долари, со тоа што постојано се зголемува, бидејќи за секоја епизода добива по 350 илјади долари. Сепак, парите ѝ се помалку важни од душевниот мир, а таква била отсекогаш, открива таа за себе.

– Кога почнав да глумам, бев средношколка и не бев целосно свесна за сѐ што се случуваше околу мене. Агентите постојано ми велеа дека цело време треба да снимам филмови, ме наговараа да одбивам улоги што ми се допаѓаа или да прифаќам некои што не ме привлекуваа. Ме убедуваа дека публиката ќе ме заборави, а кога ќе одбиев да одам на некоја закажана аудиција, тие се чудеа и ме прашуваа во што е проблемот. Не ми треба таков притисок во животот – вели актерката.

За актерството се заинтересирала по гледањето на филмот „Да се убие подбивната птица“, а на 12-годишна возраст одеше на часови по глума во Сан Франциско и се пријави на својата прва аудиција за филмот „Пустински цвет“. Таа му испрати на режисерот Дејвид Селцер едно видео со монолог од романот „Френи и Зои“ на омилениот писател Селинџер. Иако не ја доби улогата, Селцер ја запамети и ја ангажира подоцна за филмот „Лукас“ (1986). За таа улога првпат ја обои својата руса коса во црна, а новиот изглед толку многу ѝ се допадна, што го одржува до денешен ден, па многумина мислат дека таа е природна бринета. Две години подоцна, режисерот Тим Бартон ја ангажира за филмот „Битлџус“, во кој глумеше покрај Алек Болдвин, Џина Дејвис и Мајкл Китон. Иако филмот постигна солиден успех, врсниците од училиштето не престанаа да ја малтретираат.

– Сите зборуваа за филмот, добивав пофалби од критиката, па се надевав дека и некој во училиштето ќе го забележи тоа, но ништо не се смени, освен што почнаа да викаат по мене „еве ја вештерката“ – вели Рајдер.

Истата година глумеше во тинејџерската црна комедија „Хитерс“, која не постигна некој голем комерцијален успех, но стана култен филм за нејзината генерација. На снимањето се вљуби во колегата Кристијан Слејтер, но нивната младешка љубов траеше само две недели. Во тоа време сѐ уште беше средношколка, па мајка и ѝ дозволуваше да работи само за викенд. Следниот нејзин филм беше „Големи огнени топки“, приказна за рокенрол-пијанистот и пејач Џери Ли Луис, во кој партнер ѝ беше Денис Квејд. На забавата по премиерата, 17-годишната Винона го запозна седум години постариот Џони Деп и смртно се вљуби во него. Љубовта беше заемна и двојката веќе по неколку недели почна да живее заедно, пишува женскиот магазин „Глорија“.

– Ја сакам повеќе од сѐ. Откако ја запознав ми се смени животот – зборуваше Деп и направи тетоважа на рамото „Винона засекогаш“.
Заедно глумеа во филмот на Бартон „Едвард со раце од ножици“, а се чинеше дека на нејзината среќа ѝ нема крај кога Џони Деп наскоро потоа ја побара за жена. Тоа не им се допадна на нејзините родители, бидејќи сметаа дека е премлада за брак, но не сакаа да ѝ бранат ништо. Нивната желба ја исполни режисерот Џон Вотерс, со кого Деп го снимаше филмот „Плачко“. Тој и Деп се спријателија на снимањето, па се договорија да ги венча. Отпрвин Вотерс се согласи и извади лиценца за матичар, но наместо да ги прогласи за маж и жена, тој долго разговараше со нив и ги увери дека се недоволно зрели за брак – за што до денес му се благодарни родителите на Винона. Љубовта меѓу Винона и Џони пукна во 1993 г., неколку години по планираната венчавка. Иако никогаш не ја открија причината за разделба, и двајцата признаа дека биле целосно скршени поради крајот.

– Се затворив во собата, го слушав Том Вејтс и се опивав до бесвест – призна актерката по одредено време.
Ни на Деп не му беше полесно. Следните неколку години беше повеќе пијан одошто трезен – менувајќи ја тетоважата од „Винона засекогаш“ во „винопијач засекогаш“ и често завршуваше на насловните страници поради бесните испади и демолираните хотелски соби. Постојано менуваше девојки, но не најде среќа покрај ниедна од нив. За разлика од Деп, Винона набргу влезе во стабилна врска со Дејв Пирнер, пејачот на групата „Соул Азилум“, останувајќи со него речиси четири години. Во тоа време, во раните 1990-ти, таа беше на врвот на славата, со две номинации за „оскар“ за улогите во филмовите „Малечки жени“ и „Време на невиност“.

– Таа е неверојатна актерка. Од неа зрачи тинејџерска енергија, необична мешавина од гнев и емоционална ранливост, невиност и сексуална зрелост – напиша еден критичар.

Во амбициозниот проект „Прекината младост“ беше актерка и извршен продуцент, но малку се разочара кога вниманието го привлече три години помладата од неа Анџелина Џоли, која токму оваа улога (за која доби „оскар“) ја лансира на небото на холивудски ѕвезди. Истата година Винона доживеа уште едно непријатно искуство: го сними „Есен во Њујорк“ и иако тоа беше нејзиниот дотогаш комерцијално најуспешен филм, првпат во кариерата доби негативни критики за својата глума. Критичарите го закопаа филмот, а таа и Ричард Гир, нејзиниот партнер, беа номинирани за „златна малина“ како најлоша филмска двојка. Разочарана од критиките и љубовните неуспеси и исцрпена од постојаните напорни снимања, Винона навлезе во тешка психолошка состојба. Во состојба на ментална растроеност, актерката во декември 2001 г. се биде да украде облека и накит вреден околу 5.000 долари. Тоа се случи во стоковната куќа „Сакс“ на Беверли Хилс. Беше фатена на дело, а на судењето како доказен материјал се прикажаа снимки од надзорните камери на кои се гледа како ги трга етикетите од облеката и ја става во својата торба. Винона се бранеше дека имала намера да плати, но никој не ѝ веруваше. Освен за кражба, беше обвинета и за користење лекови без рецепт, па во 2002 г. беше осудена на три години условно, 480 часа општествено корисна работа, 3.700 долари казна и 6.535 долари отштета за стоковната куќа.

Паралелно со тоа мораше да оди на лекување од зависност и на психолошки терапии.
– Неколку месеци пред моето апсење, терористите го нападнаа Њујорк, Америка и светот беа во шок, но одеднаш јас се најдов во фокусот на сите вести – изјави тогаш.
Сакајќи да се тргне од медиумските притисоци и јавната осуда, само малкумина ја бранеа, а грб ѝ свртеа многу нејзини познајници од филмскиот свет. Актерката се повлече во својот дом во Сан Франциско. Враќањето во актерските води не беше лесно. На почетокот добиваше улоги во независни проекти, кои немаа широк одзив кај публиката, но добиваа добри критики. Наскоро прифати споредна улога во филмот „Ѕвездени патеки“. Следната година повторно се вљуби, избраникот беше модниот дизајнер-екологист Скот Меклинај Хан, основачот на „Лумстејт“, бренд што се залага за еколошки одржлива мода, чија облека се изработува само од органски одгледуван памук. Слично на Винона, и Хан е дискретен во однос на приватниот живот и никогаш не зборува за него во јавноста, но редовно ја следи својата избраничка на доделувањето награди и на филмските премиери. Така беше и на промоцијата на третата сезона од „Почудни нешта“ (во продукција на Нетфликс), која според гледаноста се споредува со „Игра на тронови“. Со овој серијал Винона повторно се врати помеѓу холивудските ѕвезди, на местото што, според голем број критичари, реално ѝ припаѓа. Конечно е среќна и во љубовта, иако на прашањето дали наскоро првпат ќе влезе во формален брак, одговара дека засега не размислува за такво нешто.

– Немам ништо против бракот, но се плашам од разводи. Моите родители се зедоа пред 45 години и уште се вљубени како првиот ден. Тие се мој идеал за добар брак, но чинам дека не можам да го достигнам. Којзнае, можеби токму поради нив си имам поставено превисоки критериуми – изјави познатата актерка.