Принцот Вилијам (37) и војвотката од Кембриџ, Кејт (37), објавија дека ќе доделуваат глобална награда за придонес во екологијата и најавија деценија на дејствување во насока за обнова на планетата Земја. Секоја година, од 2021 до 2030 година, наградата наречена „ертшот“ ќе ја добиваат петмина поединци или организации што наоѓаат и предлагаат решенија за еколошки проблеми, пренесува Би-би-си. Наградата ќе биде официјализирана годинава, за да се најдат најмалку 50 решенија за најголемите проблеми во светот, вклучувајќи ги климатските промени и загадувањето на воздухот. Информацијата ја пренесе сер Дејвид Атенборо во видеоснимка на социјалните мрежи. На почетокот проектот ќе го води Кралската фондација на војводата и на војвотката од Кембриџ, но во блиска иднина може да прерасне во независна организација.