Виктор Апостоловски на 28-от роденден го промовира својот втор албум насловен „Во срцето“. Албумот е комплетно авторско дело на Апостоловски, а само за песната „Ни јас, ни ти“ соработуваше со Панче Касапски, Огнен Неделковски и Илија Ќосевски.

– „Во срцето“ вистински ми е во моето срце затоа што како албум го подготвував четири години со оглед на ангажманите што ги имав постојано за разни музички проекти кај нас и во странство, поточно за театарски претстави и кратки филмови, кои ми беа вистински предизвик. Сигурен сум дека ќе уживате во моите музички дела и ќе ги пееме сите заедно – изјави Виктор Апостоловски.

Новиот видеозапис на Виктор е снимен во бодибилдинг и фитнес-клуб. Камерата е на Синиша Ќирковиќ-Сики и на Влатко Симоновски, во главната улога во спотот се појавува кикбокс-шампионката Викторија Варадинова.

– Ако насловот ви звучи остро, тогаш видеото уште повеќе ќе ве изненади. Оваа песна и спот се мое комплетно дело. Во спотот ексклузивна можност имаше да ме „претепа“ кикбокс-шампионката Викторија Варадинова. Сакам да ви откријам дека оваа песна беше готова уште пред 4 години и досега сменив многу сценарија за спотот, така што на крајот одлучив со видеото да направам буквален превод на текстот, односно во текстот се зборува за психичка тортура, а во спотот гледаме физичка – додава Виктор.
Виктор во моментов го подготвува својот следен видеозапис, нови песни и настапи во странство, Словенија, Холандија и во Грција.