Викторија Бежовска и Нино Ристески се македонските иноватори, кои во Патрас, Грција, и во Драч, Албанија, добија признание за најиновативни идеи во рамките на И3 проектот (И3 – Идеи, пронајдоци и иновации).

Во конкуренција од 50 иноватори од пет држави, идеите за ефикасен, еколошки, економичен велосипед и за пречистување на реките од цврст отпад „Риверсејв“ (Riversave) беа истакнати како најдобри.

Фокусот на проектот беше балканско-медитеранската област.

– Географски бaлканско-медитеранската област има големо стратегиско, геополитичко и економско значење. Сепак, во економска смисла има многу недостатоци. Тоа се однесува на: одливот на кадри, фрагментацијата на пазарот, високата стапка на невработеност како резултат на неконкурентноста на пазарот на работна сила и во голема мерка на ограничените вештини на работната сила – објаснува Андријана Богдановска, директорка на Центарот за управување со знаење и проектен партнер на европскиот проект „И3 – Идеи, пронајдоци и иновации“.

Проектот се реализирал во пет земји низ пет теми, и тоа: Албанија – „Животната средина“, Бугарија – „Начин на живот“, Кипар – „Енергија“, Грција – „Висока технологија“ и Македонија – „Информатичка технологија“ (ИТ).