„Викторијас сикрет“ го одржа последното модно шоу во 2018 година

Модниот бренд „Викторијас сикрет“ ја разгледува можноста за враќање на реосмислена верзија на своето модно шоу, почнувајќи го процесот на „значителни промени“, пренесуваат светските медиуми.

Традиционалното шоу не се одржа во 2019 година со цел да се оттргне од неговиот хиперсексуален имиџ. Најавата за промената доаѓа заедно со соопштението дека „Викторијас сикрет“ ангажирал нови лица за промовирање на брендот. Меѓу нив се американската фудбалерка и активистка за правата на ЛГБТ-заедницата Меган Рапино и актерката Пријанка Чопра Џонас. Тие ќе бидат дел од „ВС колективот“, групата од седум жени (славни по постигнувањата неврзани со манекенството) кои ќе работат заедно со компанијата во однос на соработките, бизнис-партнерствата и иницијативите поврзани со одредени каузи. Во обидот за промени, компанијата во 2019 година го ангажираше и првиот трансродов модел Валентина Сампајо.

„Викторијас сикрет“ долго време беше позната по годишното модно шоу каде што на пистата излегуваа супермоделите познати како „ангели“ промовирајќи ја најновата колекција на долна облека на модниот гигант.

Компанијата уште остварува приходи од милијарди долари од продажбата, но културолошката промена со движењата „И јас исто така“ и „бодипозитив“, доведе до зголемување на популарноста на ривалските брендови како што е „Севиџ екс Фенти“ основан од поп-пејачката Ријана.

Милијардерот Лекс Векснер кој ја купи компанијата „Викторијас сикрет“ во 1982 година, беше на удар на јавноста поради неговото долгорочно пријателство со починатиот сексуален престапник Џефри Епстајн.

„Викторијас сикрет“ го одржа последното шоу во 2018 година пред да го укине следното издание откако гледаноста падна на публика од 3,3 милиони. „Викторијас сикрет“ се подготвува да ги прекине врските и со холдинг компанијата „Ел брендс“.