Модниот бренд“ја менува практиката со ангажманот на Валентина Сампајо

„Викторијас сикрет“ го ангажира првиот трансродов модел, Бразилката Валентина Сампајо (22), во време кога американскиот моден бренд се соочува со бројни критики за имиџот, што ја доведува во прашање неговата иднина.

„Викторијас сикрет“ е цел на критики поради придржувањето до крутите стандарди за убавина, на кои според многумина, им недостасува диверзификација. Јавноста има замерки и за неприлагодувањето на производите на „Викторијас сикрет“ кон потрошувачите, што скапо го чини брендот, кој најави затворање на 53 продавници годинава.

Ангажманот на Сампајо за кампањата „Пинк“ е протолкуван и како капитулација на првиот човек за маркетинг на „Викторијас сикрет“, Ед Разек (71), кој во ноември минатата година ја отфрли можноста за учество на трансродови модели на ревиите, предизвикувајќи негодување на дел од јавноста.

Згора, империјата на „ангелите“ се соочува со дополнителни проблеми поради соработката на еден од водечките луѓе на брендот, Лекс Векснер, со финансиерот Џефри Епстајн, кој се соочува со обвиненија за злоупотреба на малолетни девојки.

Познатата ревија на долна облека имаше најмала гледаност од 3,3 милиони уште откога почна да се емитува на телевизија во 1995 година. Минатото издание на шоуто на „ангелите“ беше повлечено од телевизиско емитување.

Шанина Шајк (28), која е една од ангелите на Викторија откри дека годинашното шоу е откажано и со тоа ја изненади светската јавност.

Ваквата неповолна ситуација ја натера компанијата да ја обмисли својата стратегија.

Ангажманот на Сампајо уште не е официјално потврден, но таа објави фотографија на Инстраграм на која го истакнува брендот „Викторијас сикрет“.