Бизнисменот Џими Велс на 15 јануари 2001 година ја лансирал бесплатната онлајн енциклопедија која ја нарекол „Википедија“. И покрај почетните критики дека содржи неточни податоци, таа со тек на време се здоби со огромна популарност.

Денес, „Википедија“ е седма меѓу 15-те најпосетувани сајтови на Интернет и е достапна на 309 јазици. Таа се одржува и обновува со помош на огромна заедница на уредници-волонтери, кои се потпираат на повторувачки процес на објавување и коригирање. Се проценува дека 250.000 луѓе низ светот придонесуваат „Википедија“ месечно да има 22 милијарди посети.

Во првата година, на „Википедија“ имало 20.000 текстови на 18 јазици, а денес нивната бројка изнесува околу 55 милиони.

Иако голем број наставници и професори го обесхрабруваат користењето на „Википедија“, за многумина таа е првото место каде што ќе погледнат ако сакаат да дознаат или научат нешто. Таа денес е важен извор на информации за милиони луѓе кои се дигитално поврзани.

– Едно од најстарите правила на „Википедија“ е да нема лични напади. Идејата да се има место кое се обидува да ги презентира информациите на неутрален начин е неверојатно важна, особено во ова денешно време – вели Џими Велс.