Во Виена се отвора првиот целосно автоматизиран ресторан, кој во својата понуда ќе содржи органски производи од локални производители и ќе биде отворен 24 часа на ден. Угостителскиот објект ќе се состои исклучиво од автомати. Меѓутоа, и покрај недостигот од услуга, човечкиот фактор сепак нема да изостанува.
– Во ресторанот можете да купите јадења со висок квалитет во секое време од денот или ноќта. „Фуди гриџ“ е приказна за вкус, во која регионалните органски производи играат голема улога. Нуди домашна храна за носење. Рецептите се создадени во соработка со најдобрите виенски ресторани – вели Александер Билаш, косопственик и извршен директор на фирмата.
Храната за овој ресторан, по приготвувањето се лади, се пакува во еколошка амбалажа и се чува во фрижидери. На овој начин останува вкусна три до четири дена.
Избраните рецепти доаѓаат главно од тајландската, шпанската, италијанската и австриската кујна. Во ресторанот има и автомати за закуски, како што се вегански чипс, слатки и пијалаци од Виена. Целосниот асортиман на „Фуди гриџ“ вклучува речиси 300 производи, вклучувајќи и сезонски понуди.
– Со помош на апликацијата и автоматизираниот систем, секогаш се гледа содржината на фрижидерот. Може да се купи пристоен оброк по цена од седум до 10 евра, а доколку во садот има риба или ракчиња, цената е малку повисока. За да не се занемари човечкиот фактор, ресторанот редовно ќе одржува дегустации на храна и можности за размена на мислења меѓу клиентите и сопствениците – соопштија градските власти на Виена.