Главниот град на Австрија – Виена најверојатно, по две години, следната година повторно ќе биде домаќин на изборот на песна за „Евровизија“, иако Израел победи на годинашната церемонија, објавија австриските медиуми. Веднаш по победата на Израелката Нета, се појавија противења околу тоа идниот натпревар да се одржи во Израел поради безбедносната состојба. Уште тогаш како алтернатива се споменуваше Австрија, која годинава го освои третото место.

Овие гласини се засилија откако израелската државна телевизија КАН побара пари за организација од државата, но министерот за финансии го одби тоа барање. Израел инаку требаше да уплати 12 милиони евра на швајцарска сметка како гаранција за прифаќање на организацијата на „Евровизија“. Рокот за уплата истече вчера и ако парите не се најдат на сметката, ќе се бара друга земја-домаќин. КАН се обрати и до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со молба државата да ги стави на располагање потребните средства.