Видео игрите моментално „држат“ повеќе од половина од пазарот за забава во Велика Британија, пренесува Би-би-си. Истражувањата на „Ентертејнмент ритејл асосиејшн“ (ЕРА) покажуваат дека индустријата моментално вреди 4,85 милијарди долари, односно двојно повеќе од нејзината вредност во 2007 година. Па така, тоа ја прави поисплатлива и од видео и од музичката индустрија заедно.

Успехот на видео игрите главно се темели на три изданија: „Фифа 19“, „Ред Дед Ридемпшн 2“ и „Кол оф Дјути: Блек Опс 4“. Пазарот на игри навистина е пораснат и интересот за нив е зголемен, и покрај тоа што тој во 2018 опадна за мала нијанса.

„Фифа 19“ е една од најиграните игри во светот

Извршниот директор на ЕРА, Ким Бејли, чија асоцијација го спроведе истражувањето, изјави дека гејминг индустријата е неверојатно ефективна во однос на користењето на потенцијалот на дигиталната индустрија и дека таа нуди нови и привлечни начини на забава на широките маси. Бејли додаде дека иако оваа индустрија е најмлада, таа сега е поуспешна од музичката и видео индустријата.

Секоја од претходно споменатите игри во Велика Британија продаде повеќе од еден милион физички копии во 2018 година. Интересно е да се напомене дека бројките од истражувањето не ги вклучуваат игрите на паметните телефони и бесплатните игри како „Фортнајт“, кои моментално имаат повеќе од 200 милиони играчи во светот и исто така заработуваат многу милиони долари.

„Ред Дед Ридемпшн 2“ на компанијата „Рокстар“ оствари огромен успех на пазарот

Истражувачите на пазарите и познавачите на состојбите во оваа сфера сметаат дека во последните пет години, гејминг секторот целосно го искористил пристапот на модернизација и имлементирање на игри на паметните уреди како телефоните и таблетите и транзицијата од физичка дистрибуција на игрите на дигитална многу помогнало во зголемувањето на интересот за игрите на конзоли.

Видео игрите создадоа огромни светски пазари и денес се многу значаен дел од забавната индустрија во светот.