„Ракутен Вибер“, една од водечките апликации за размена на пораки и бесплатна комуникација, соопшти дека ја прекинува деловната соработка со „Фејсбук“, објави весникот „Сандеј морнинг“.

– Злоупотребата на кориснички податоци од страна на Фејсбук и неможноста да се справиме со насилниот говор на оваа социјална мрежа ги премина сите граници, поради што Вибер презема соодветни мерки, како што е прекин на закупот на рекламен простор и отстранување на сите точки на контакт од неговата платформа за да заштити повеќе од милијарда свои корисници – стои во изјавата на компанијата „Ракутен Вибер“ цитирана од весникот.

– Фејсбук покажува слаба проценка и не умее да ја спознае својата улога во современиот свет – изјави извршниот директор на Вибер, Џамел Агауа.

Фејсбук има несовесен однос кон податоците на корисниците и недостаток на приватност во своите апликации, а сега и шокантен недостаток на неопходни мерки за заштита на јавноста од насилен говор, истакна Агауа.
Точките за контакт со Фејсбук ќе бидат отстранети од апликацијата Вибер до почетокот на јули 2020, а закупот за рекламен простор на Фејсбук завршува веднаш.