Идејата е во иднина да се користат вештачки мрежи на неврони за да се врати функцијата на специфични заболени мозочни делови, предизвикани од Паркинсонова болест, мозочен удар или епилепсија

И покрај постојаните уверувања на пионерите, како Илон Маск, идејата за биолошко поврзување на биолошкиот мозок со компјутер сè уште звучи како научна фантастика. Но научниците во САД, Швајцарија, Германија и во Италија се тука за да нѐ потсетат дека тоа всушност и не е толку неверојатно. Во неодамнешниот експеримент истражувачите започнаа функционална нервна мрежа, која им дозволува на биолошките и на силиконските вештачки мозочни клетки да комуницираат едни со други преку интернет-врска.

Во моментов проектот сè уште се наоѓа во рана фаза. Експериментот вклучува култивирање неврони на стаорец во лабораторија, кои биле користени за да им сигнализираат на наноелектронските синапси, наречени мемристори, создадени од Универзитетот во Саутемптон. Сигналите од биолошките неврони од Италија потоа биле пренесени на вештачки неврони лоцирани во Цирих. Беше извршена и обратна комуникација. Резултатот беше едноставна демонстрација што покажува дека вештачки и биолошки неврони може да комуницираат двонасочно, и тоа во реално време.

– Првпат докажавме дека вештачките неврони на чип може да се поврзат со мозочни неврони и да комуницираат на истиот јазик – открива Стефано Васанели, професор на Одделот за биомедицински науки на Универзитетот во Падова во Италија.
Вештачките и биолошките неврони беа поврзани преку наномемристори, кои беа способни да имитираат основни функции на реални синапси, оние природни врски помеѓу невроните што се одговорни за пренесување на сигналот помеѓу невроните што го преземаат најголемиот дел од мозочните процеси.

Васанели вели дека „хибридниот мозок“ би бил најкорисен за еден вид нервен имплант што ќе им овозможи на нервните мрежи на мозокот и вештачко интелигентните нервни мрежи за да се разберат едни со други. Но тој открива дека има уште една апликација што ја има предвид.
– Идејата е во иднина да се користат вештачки мрежи на неврони за да се врати функцијата на специфични заболени мозочни делови, предизвикани од Паркинсонова болест, мозочен удар или епилепсија – додава Васанели.
Откако ќе се вметнат мозочните импланти, силиконските неврони ќе дејствуваат како еден вид невропростеза, каде што вештачките неврони адаптивно ќе ги стимулираат дисфункционалните природни неврони. Потенцијално, ова може да го олесни закрепнувањето, па дури и да ги спречат функционалните загуби.

Тимот во моментов работи на проект финансиран од Европската Унија, во кој технологијата е демонстрирана врз живо животно, заедно со прикажан прототип на невропростеза инспирирана од биолошки мозок.
Еден труд во кој се опишува истражувањето, под наслов „Мемристични синапси поврзуваат мозочни и силиконски неврони“ неодамна беше објавен во списанието „Сајенс репорт“.