Јапонските власти планираат да го зголемат наталитетот со финансирање на проекти кои користат вештачка интелигенција за да им помогнат на луѓето да најдат партнери и да основаат семејства, пренесува Би-би-си.

Од следната година, локалните власти ќе субвенционираат проекти во кои ќе се користи вештачка интелигенција за пронаоѓање на сродни души.

Минатата година во Јапонија се родиле помалку од 865.000 бебиња, најмалку досега. Јапонците се претежно стари луѓе и веќе подолго време бараат начин да го променат трендот на една од најниските стапки на наталитет во светот.

Една од најновите идеи е употребата на вештачка интелигенција.

Јапонската влада има намера да одвои 19 милиони долари за локалните власти следната година, со цел да го зголеми наталитетот, пренесува новинската агенција „Франс прес“.

Многумина веќе нудат услуги за пронаоѓање на сродни души, а некои користат системи за вештачка интелигенција за подобро обработување на податоците што луѓето ги оставаат за себе.

Неколку постојни системи се сведуваат само на критериуми како што се приходот, возраста и даваат резултати само ако има поклопување.

Локалните медиуми пишуваат дека субвенциите ќе овозможат поскапи и напредни системи кои вклучуваат фактори како хоби и вредности што ги претставуваат корисниците.

„Планираме да ги субвенционираме локалните власти кои ќе направат проекти кои ќе користат вештачка интелигенција“, изјавил портпаролот од надлежниот кабинет.

Тие се надеваат дека со ова ќе се зголеми наталитетот.

Населението во Јапонија, кое имало 128 милиони жители во 2017 година, се предвидува да се намали на 53 милиони до крајот на овој век. Јапонските власти се обидуваат да воспостават рамнотежа помеѓу бројот на вработени и зголемувањето на трошоците за социјална заштита.

Сачико Хоригучи, социо-културен и медицински антрополог на Универзитетот „Темпл“ во Јапонија, смета дека постојат подобри начини за владата да го зголеми наталитетот преку субвенционирање на проекти за вештачка интелигенција – како што е, на пример, помагањето на младите да заработуваат.

Таа посочи на неодамнешниот извештај кој покажува дека постои врска помеѓу пониските нивоа на приход и губењето интерес за романтични врски меѓу младите Јапонци.

– Ако тие не се заинтересирани да се забавуваат, наоѓањето на совршен пар веројатно би било неефикасно. Ако треба да се потпреме на технологијата, роботите со прифатлива цена кои вршат домашни работи или се грижат за децата можат да бидат поефикасни – изјави Хоригучи за Би-би-си.

Аналитичарите веќе подолго време укажуваат на недостаток на поддршка за мајките кои работат во Јапонија, каде од жените редовно се очекува да ги извршуваат сите домашни работи и истовремено да чуваат деца, додека работат.

Јапонската влада соопштила дека сака да охрабри повеќе жени да бидат вработени со полно работно време во последниве години, но родовиот јаз е зголемен.

Јапонија е на 121-то место од 153 земји според извештајот на Светската економска форма за родова еднаквост за 2019 година, што е намалување за 11 места во споредба со претходната година.