Корите од мраз на Гренланд долго време се користат за следење на климатските промени, кои се бележат во изотопите на кислородот од замрзнатата вода. Но со еден друг научен пристап, преку мерење на древните емисии на олово, е направен пресврт, при што сега не само што може да се регистрираат климатските промени, туку може да се дојде до други неверојатно интересни факти, на пример од областа на економијата

Се чини дека е невозможно да се реконструира развојот на економската историја на Римското Царство, но тоа е постигнато на едно многу необично место – глечер во центарот на Гренланд. Извештајот не е текст на латински јазик, туку е „испишан“ во олово. Имено, емисиите на олово од рударските операции уште од времето на стариот Рим, стигнале до Гренланд каде што биле наталожени со помош на снеговите. Низ годините и столетијата, снегот се акумулирал, се претворил во мраз и така го зачувал извештајот, кој е стар илјадници години.

Имено, корите од мраз на Гренланд долго време се користат за следење на климатските промени, кои се бележат во изотопите на кислородот од замрзнатата вода. Но со еден друг научен пристап, преку проектот за мерење на древните емисии на олово, создаден од Ендру Вилсон, археолог од Оксфорд, а спроведен од Џозеф Меконел, експерт за анализа на кори од при институтот „Деезерт рисрч“ во Рено, Невада, е направен пресврт. Сега не само што може да се регистрираат климатските промени, туку може да се дојде до други неверојатно интересни факти, на пример, од областа на економијата. Звучи невозможно, но со оваа метода може да се дојде до приближно точен податок за бруто-домашниот производ (БДП) на стариот Рим, во одредена година. Како?
Кората на Гренланд има зачувано снежни падежи во текот на 40.000 години. Лабораторијата на Меконел го проучи делот со длабочина од 425 метри, кој одговара на периодот од 1235 пр. н.е. па сѐ до 1257 н.е. Датумите на овие „години во мраз“ се потврдени по пат на нивна синхронизација со други хронологии, како што се оние добиени од прстените на дрвјата и вулканските ерупции. Континуираниот извештај за загадувањето со олово не е особено добар како податок за бруто-домашниот производ на Рим, кој не му е познат никому, но го одразува генералното економско здравје на римската држава.

Резултатите покажаа колебање што одговара на клучните настани во римската историја. Емисиите на олово скокаат во периодите на мир и просперитет, како што е Римскиот мир (28 пр. н.е. – 180 н.е.), а паѓаат во текот на граѓанските војни што му претходеа на периодот на Римскиот мир и за време на подемот на императорот Август. Тука се и драматичните падови што се поклопуваат со антонинската чума (165 – 180 г.) за која се верува дека всушност била мала сипаница, и со кипарската чума, чија причина е непозната и која траела во периодот од 250 до 270 година.
Во римската економија, оловото било користено за правење водоводни цевки и за заштита на предниот дел на бродовите. Производството на олово е показател и за главната економска активност, употребата на сребро во римските сребрени монети. Среброто го има во оловната руда и самиот процес на издвојување сребро од оловото на високи температури испраќал големи количества оловни честички во воздухот. Во раното Римско Царство, денарите биле 100 отсто сребрени. Во време на владеењето на императорот Нерон, почнувајќи од 64 година н.е., пропорцијата на среброто била намалена на 80 отсто, а државата собирала профит рециклирајќи ги целосно сребрените монети во нови.

Овие промени се поклопиле, а можеби и биле предизвикани од падот на производството на сребро, а токму ваков пад е забележан во емисиите „запишани“ во мразот на Гренланд, набргу по 60 година н.е. За време на императорот Трајан, парите накратко (103 – 107 г.) се произведувале од новоисковано сребро, а овој историски настан се забележува во краткиот скок на оловна загаденост, кој завршува во 107 година. Емисиите на олово – како што се „запишало“ во мразот, паднале на апсолутно ниско ниво за време на империјалната криза од 235 до 284 година, кога царството за малку ќе пропаднело поради внатрешните превирања, варварските инвазии и кипарската чума. Економијата навлегла во конечниот период на пропаѓање, кој се означува со повлекувањето на римските легии од Британија во почетокот на 5 век и со колапсот на Западното Римско Царство во 476 година.

– Не би рекол дека графиконот на загаденост со олово претставува точен показател на бруто-домашниот производ на стариот Рим, но тој е веројатно најдобриот показател за тогашното економско здравје што ние го имаме – изјави Вилсон.
Тој и Меконел сега работат на тоа да видат дали изотопите на олово (атоми на олово со различна тежина) во кората од мраз можат да помогнат во идентификацијата на географските извори за производство на олово. На тој начин тие би сакале да докажат дека поблиските извори на олово, како оние во Британија, повеќе придонеле за загаденоста на Гренланд од оние подалечните, како рудникот „Рио Тинто“ во Шпанија.