По примерот на рокенрол ветераните и ветераните кои со децении ја негуваат народната песна и музика од Кичево, вечерва во големата сала од Центарот за култура со почеток во 20 часот ќе одржат „Вечер на серенади и староградска музика“, каде покрај старите мајстори ќе настапат и музичари и пеачи од новиот бран, што ќе претставува музички микс, вечер за уживање и за незаборав на љубителите на народната песна и музика од градот.

-На иницијатива на еден од музичарите од помладата генерација од Кичево, одлучивме за прв пат да организираме „Вечер на серенади и староградска музика“.

Наша цел е да потврдиме дека и ние од народната музика од Кичево сеуште не сме го кажале последниот збор и дека имаме што да и понудиме на домашната публика. Љубителите на овој вид мелос ќе можат да ги слушнат песните: Дали знаеш либе, Кажи Рајне, Јовано Јованке, Три години се љубевме, Ратка и многу други. За да имаме перфектна изведба, ние околу еден месец сме во интензивен тренинг и сметаме дека на оваа вечер ќе делуваме како добро уигран тим-вели Д-р. Цане Наумоски, солист на хармоника, на кого во составот на ветераните ќе му прават друштво, Даме Арсоски-виолина, Саве Димитријоски-тамбура, Аце Степаноски-соло гитара и вокал, Веле Крстески-хармоника, Кире Гавазов-тапани и други.

Новиот бран музичари ќе го предводи идејниот творец на овој проект, басистот Владимир Гавазов.

-Овој концерт од поодамна ни беше во план и благодарение на цврстата воља на сите учесници, истиот ќе го реализираме вечерва. Така покрај ветераните музичари и пеачи од градот, ќе настапат музичари и пеачи кои го претставуваат новиот бран. Репертоарот на младите ќе го сочинуваат петнаесетина песни и серенади од кои најпознати се: Ах каде е моето либе, Благуњо дејче Пожаранче, Те видов и се заљубив, Бисера, Не си го продавај Кољо чифлигот и многу други или на вечерашниот концерт на нашите сограѓани ќе им понудиме музика во траење од околу 2 часа-истакна Гавазов.

З.А.