Инспириран од природата, Васил Филипов со тимот на „Флауер сити“ изработува „зелени sидови“ што красат многу ентериери. Зелените ѕидови се еколошки производ што овозможува внесување природа во канцелариски ентериери, банки, сали за состаноци, хотели, ресторани, домови. Вертикалните ѕидови што ги изработуваат се 100 отсто природни и стабилни.

– Станува збор за иновативен и единствен производ од својот тип, односно зелени површини што подлежат на посебен процес на дехидрација и стабилизација, кој овозможува природен изглед и долготрајност. Нашите градини не бараат сончева светлина, наводнување и речиси никакво одржување, што ги прави особено погодни за комерцијални објекти. Би сакале да напоменеме дека трендот се проширува, па, така, нашите градини сѐ почесто ги вградуваме и во модерни и луксузни станови и приватни куќи. Ова е производ на иднината што ни доаѓа лесно и безбедно. Станува збор за внатрешни содржини што ќе бидат неопходен дел од секој деловен простор или дом – велат од „Флауер сити“.

Тие гарантираат за долготрајноста на нивните производи, во период од три до пет години, а доколку клиентот се придржува до одредени услови, производот од овој тип трае и двапати подолго.

– Често патувам во странство, посетувам и саеми за внатрешен дизајн и ентериери, ги следам трендовите во архитектурата. Кога ги видов зелените ѕидови, веднаш ме освоија, бев силно мотивиран да ги направам достапни и во Македонија, бидејќи навистина се преубави, декоративни, инспиративни. Денес зелените ѕидови сѐ повеќе се хит во архитектурата и на македонскиот пазар, а трендовите покажуваат дека луѓето што ги сакаат природата и зеленилото, а не се во можност да ги одржуваат и да се грижат за нив поради деловните обврски, ги вградуваат сѐ почесто – објаснува Васил Филипов.

Како што ни сподели тој, освен што се убави за просториите, вертикалните градини имаат и многу предности и карактеристики. Тие се 100 отсто природни, не растат, не привлекуваат инсекти, наменети се за ентериери, претставуваат звучен изолатор и подобруваат звучна акустика, имаат огноотпорни својства, не се 100 отсто огноотпорни, но го забавуваат палењето. Не бараат сончева светлина, не бараат наводнување, имаат со години гаранција, не се третираат со средства, не се токсични, не бараат константно одржување или обновување.

– Благодарение на новите технологии, инспирирани од големата љубов кон природата и сè што ни дава таа, денес многу лесно можеме нашиот дом или канцеларија да ги трансформираме и во нив да внесеме декоративни зелени елементи-ѕидни облоги од исклучиво природни материјали (природен мов и растенија), кои внесуваат хармонија и позитивна енергија во просторот. Кај нас се зголемуваат изведбата и побарувачката на зелени ѕидови во деловни простории, но и во приватни станови и куќи. Последниве години архитектите и дизајнерите на ентериери, освен на правилниот распоред на мебелот и на природното осветлување, сѐ почесто предлагаат зелени површини, кои ја разбиваат монотонијата, визуелно внесуваат свежина и нова енергија во просторот.

Вертикалните градини се изработени од стабилизирани растенија и мовови и притоа не го прочистуваат воздухот, меѓутоа претставуваат одлична замена за класичните акустични панели. Нашите градини се употребуваат за подобрување на звучната акустика во ентериерот – додава Васил Филипов.

Досега работеле на многу проекти. Нивните градини красат голем број ентериери во банки, хотели и ресторани низ Македонија.

– Минатата година бевме одговорни за изведбата на вертикална градина со површина од над 270 квадратни метри, која е изведена во објектот „Дајмонд гарден“, во соработка со „Адора инженеринг“ во Скопје. Во приватните домови, креативноста од аспект на дизајн секако може да дојде повеќе до израз, при што овозможува целосна трансформација на ентериерот. Новите идеи за проширување на брендот веќе се во почетна фаза на реализација. Станува збор за живи вертикални градини за надворешна употреба, кои би ги краселе фасадите на зградите, а наедно ќе придонесуваме за подобра животна средина – велат од „Флауер сити“.