Филипинска двојка не дозволи природна непогода да ѝ расипе венчавката и судбоносното „да“ одлучи да го изговори додека зад неа вулканот Таал исфрлаше чад и пепел кон небото. Наспроти опасноста што ја претставува еден од најактивните вулкани на Филипините, Чино Вафлор и Кат Баутиста Поломар одлучија да продолжат со церемонијата на венчавањето.

Фотографот Рандолф Еван изјави дека „немало никаква претходна најава“ за тоа дека ќе се активира вулканот.
– Забележавме само бел чад во текот на подготовките за венчавката и тогаш сфативме дека со вулканот се случува нешто чудно – изјавил Еван.
Подоцна, во попладневните часови, филипинските власти прогласиле тревога на највисоко ниво и предупредиле дека експлозивната ерупција би можела да се случи за неколку часа.

Официјалното биро на ОН за координација и хуманитарни активности (ОЦХА) соопшти дека, според процените, над 450.000 луѓе живеат во опасната зона, оддалечена 14 километри од вулканот Таал. Како што објави „Дејли мејл“, наспроти предупредувањето, прославата на венчавката се одвивала според планот, на имотот Саванах, кој е само неколку километри оддалечен од вулканот.

Фотографот Еван додаде дека сите присутни се чувствувале безбедно и сите биле мирни и опуштени. Тоа било интимна венчавка, на која присуствувале родителите на двојката и блиски пријатели, па никој не си заминал.
– Забележавме дека пепелта ни паѓа на облеката, но не стана алармантно сѐ додека воздухот не стана толку загаден што дишењето беше отежнато – објаснил фотографот Еван.