Со музика од Бранислав Николов и Гоце Јованоски, поезија од Дејан Трајкоски и сцени од филмови на Вим Вендерс и Роберто Бењини, денеска, во 20 часот, во „Јуроп хаус Скопје“, ќе се одржи интердисциплинарниот проект „Реобмислување на европски режисери: филм, музика и поезија“.
Се работи за три песни инспирирани од сцени од филмовите „Париз, Тексас“ и „Хотел од милион долари“ од Вим Вендерс, како и „Тигарот и снегот“ од Роберто Бењини. Поезијата на Трајкоски ќе ja изведува Бранислав Николов, со музика создадена од Николов и Јованоски, која е инспирирана од оригиналните филмски композиции, а сето тоа е вклопено со филмските сцени. Видео и аудиомонтажата се на Гоце Јованоски. Идејата на проектот е реобмислување на едно уметничко дело и создавање ново, во сосема поинаква форма од оригиналното. Проектот се реализира со финансиска поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје.