Театарот „Јордан Х.К-Џинот“ од Велес денеска, во народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, со почеток во 19 часот, ќе го отвори театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“ со претставата за деца „Црвенкапа“, во адаптација на Сашо Димоски, а во режија на Деан Дамјановски.

„Црвенкапа“ е современа адаптација на добро познатата сказна за Црвенкапа и лошиот волк и истата е наменета за деца и младинци. Претставата покрај комичниот и забавен елемент, има и едукативен карактер, правејќи јасна споредба помеѓу безбедноста на градот наспроти опасностите на шумата, нагласувајќи ја презафатеноста на родителите и преокупираноста на децата со мобилните телефони, но и потребата од консумирање здрава храна.

Сценографијата за претставата е на Филип Коруновски, костимографијата на Катерина Чукниева, а автор на музиката е Сашко Костов. Во претставата настапуваат актерите: Славица Манаскова како Црвенкапа, Васил Зафирчев како Волкот, Самоил Стојановски како Ловецот, Весна Димитрова-Бобевски како Бабата и Кети Борисовска како Мајката.