Вежбањето на ладно време може да доведе до согорување повеќе калории, поради дополнителната енергија потребна за загревање на телото, но во исто време процентот на согорени масти е помал во споредба со тренинзите на повисоки температури, покажуваат истражувањата.
Истражувањата сугерираат дека студеното време може да го зголеми согорувањето на калориите за време на вежбањето, затоа што е потребна дополнителна енергија само за загревање на телото, како и за вежбање. За пример може да се земе треперењето, што е начинот на кој вашето тело го користи движењето за да создаде топлина додека се приспособува на студената средина. Студијата што ги следела планинарите во Вајоминг покажала дека оние што планинареле на температури меѓу -9 и -5 степени Целзиусови согорувале околу 30 отсто повеќе калории од оние што вежбале кога температурата била повисока од 10 степени.
Меѓутоа, дополнителното согорување калории не може да потрае долго, бидејќи вежбањето само по себе создава многу топлина, што значи дека нема да мора да се тресете или на друг начин да вложувате повеќе напор за да се загреете. Исто така, можно е да согорите помалку маснотии за време на вежбањето во постудено време, покажуваат некои истражувања.
Една мала студија покажа дека мажите согоруваат повеќе маснотии додека возат велосипед на температури меѓу 10 и 21 Целзиусови степени отколку кога ја изведуваат истата вежба на -4 степени Целзиусови.
Постуденото време предизвикува стеснување на крвните садови, што ограничува колку ефикасно телото може да ги разградува мастите и да ги транспортира добиените масни киселини до мускулите за енергија. Исто така, можно е да јадете повеќе по зимскиот тренинг. Додека вежбањето на студ може да согори уште неколку калории, тоа можеби нема да помогне во калорискиот дефицит, бидејќи веројатно ќе јадете повеќе за да го надоместите.